Хан: Очекуваме исполнување на договорот и спроведување на реформите

ФОТО: МИА
ФОТО: МИА

Исполнување на договорот и спроведување на реформите. Ова накратко е пораката што еврокомесарот за проширување и соседски односи Јоханес Хан ја упати на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Ова време е од суштинско значење за Македонија. Сите очи се свртени кон вас да го сработите своето пред октомврискиот извештај за напредокот на земјата кој треба да ги нотира достигнувањата, рече Хан.

Хан го поздрави политичкиот договор

Тој го поздрави политичкиот договор постигнат со помош на Европската унија како важен чекор кон ЕУ, бидејќи, како што рече, покажа дека интересите на државата и на граѓаните се ставени пред партиските интереси, а сега, како што нагласи, важна е неговата реализација.

Хан го поздрави политичкиот договор
Хан го поздрави политичкиот договор

Се радувам на враќањето на опозицијата во Парламентот и изборот на новиот Закон за специјален обвинител и на специјалната обвинителка. Таа ќе ја добие целата потребна поддршка за да може да си ја врши како што треба својата работа, рече еврокомесарот Хан, пренесува МИА.

Продолжува пристапниот дијалог

Еврокомесарот се осврна и на пристапниот дијалог на високо ниво за кој рече дека по политичката криза поради која беше запрен продолжува фокусирајќи се на пет специфични области нотирани од Брисел.

Приемот во ЕУ не е работа само на Владата. Верувам дека ХЛАД-от ќе ги вклучи сите претставници од четирите политички партии кои го потпишаа овој договор и дека тие се заедно посветени и заедно одговорни за имплементацијата на идните реформски приоритети. Процесот го вклучува и граѓанското општество за чија работа е потребна добра демократија. Признавам дека вашата земја имплементираше голем број реформи. Оние кои остануваат се амбициозни и политички тешки, но тие ќе донесат вистински промени во државата, рече Хан.

Помош и поддршка за Македонија за кризата со мигрантите

Во своето обраќање, Хан, покрај досега споменатото, се осврна и на кризата со мигрантите. Тој посочи дека Брисел е свесен за проблемите со кои Македонија се соочува како транзитна држава за мигрантите и најави помош и поддршка.

Помош и поддршка за Македонија за кризата со мигрантите
Помош и поддршка за Македонија за кризата со мигрантите

Ова е време на предизвици и кризи кои бараат европско решение, рече Хан.

Инаку,во рамки на посетата на Македонија еврокомесарот Хан денеска ќе има средби со лидерите на политичките партии, а попладнево ќе присуствува и на седницата на ХЛАД-от. Тој утре, во рамки на престојот во Македонија, ќе го посети и граничниот премин кај Гевгелија со цел, како што рече, и лично да се увери каква е состојбата со мигрантите кои од земја-членка на ЕУ влегуваат во Македонија.