недела, 26 март 2017  |  Вести денес: 0

Хан: Договореното да се материјализира без одлагање

Добрите вести за постигнатиот политички договор во Македонија сега треба да се материјализираат преку целосна имплементација на договореното, без одлагање, истакна еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на неформалниот состанок на министри за европски прашања.

han-dogovor

Поврзани вести

Добрите вести за постигнатиот политички договор во Македонија сега треба да се материјализираат преку целосна имплементација на договореното, без одлагање, истакна еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на неформалниот состанок на министри за европски прашања, организиран во рамките на Советот за општи работи на Европската унија, кој вчера и денеска се одржа во Братислава, а на кој учествуваше и македонскиот вицепремиер за европски прашања Арбр Адеми, пренесува МИА.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, тој оценил дека во последните неколку недели има сериозен напредок во процесот на евроинтегации речиси во сите земји од регионот.

Претседавачот на форумот во име на Словачкото претседателство, Иван Корчак потенцираше дека проширувањето останува во фокусот на Европската Унија.

Вицепремиерот Адеми, кој учествуваше на министерскиот состанок на покана на Словачкото претседателство, во своето обраќање се осврна на сериозните предизвици со кои се соочува ЕУ во моментот како Брегзит, настаните во Турција, терористичките и безбедносните закани и можноста за ескалација на мигрантската криза, кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции. При тоа, тој изрази надеж дека и во тие околности сето тоа ќе придонесе за консолидација на политиките на ЕУ, со преземање мерки за спречување ризици во иднина и продолжување на успешни политики, пред се, на децениски докажаната успешна политика на проширување.

Вицепремиерот Адеми нагласил дека не треба да се заборави на политиката на проширување, која може и треба да биде дел од решението за овие предизвици. Тој се осврна и на политичката криза во земјата.

Во поглед на актуелната политичка ситуација во државата, вицепремиерот Адеми подвлече дека несомнено позитивен чекор во насока на смирување на политичката криза во земјата е постигнувањето на договорот меѓу политичките партии, но дека во овој момент е круцијална целосната имплементација на договореното. При тоа вицепремиерот Адеми информираше подетално за планираните  и преземени чекори во последните неколку денови, стои во соопштението.

Тој исто така нагласил дека и натаму останува важноста и посветеноста на спроведувањето на итните реформски приоритети низ инклузивен и транспарентен процес.

Во однос на европските перспективи за земјата и годинашниот извештај кој треба да се објави од страна на Европската комисија, вицепремиерот Адеми истакна дека од исклучителна важност е документот да го рефлектира позитивниот развој кон конечно разрешување на политичката криза и да ја врати кредибилноста и довербата во процесот, пред одржувањето на парламентарните избори. Вицепремиерот Адеми нагласи дека за Македонија нема друга алтернатива освен целосна интеграција во Европската унија и за друга алтернатива не се размислува, се посочува во соопштението од СЕП.

Имајќи ја предвид важноста на добрососедските односи и регионалната соработка за интеграцијата во ЕУ, Адеми, се наведува, потенцираше дека  унапредувањето и зајакнувањето на односите и соработката со соседните земји остануваат приоритет на нашата земја, а регионалната соработка, особено низ Берлинскиот процес, се очекува да даде и конкретни резултати како поттик за економскиот развој и просперитет на регионот.

Вицепремиерот Адеми истакнал дека Македонија, а воедно и останатите земји од Западен Балкан, треба да бидат дел од политичката мапа на ЕУ бидејќи нивната интеграција е единствена алтернатива за обезбедување на стабилноста и мирот во ЕУ.

Во рамките на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, вицепремиерот Адеми оствари работни средби со шефовите на делегациите на Германија, Рајнхард Силберберг и на Австрија Михаел Линхард, на кои се дискутирале евроинтегративните перспективи на Македонија, во светло на актуелните настани во Унијата. Двајцата соговорници, се наведува, истакнаа дека круцијално во овој момент е целосна реализација на политичкиот договор, како би се создала поволна клима за Македонија пред декемвриските состаноци на Советот на ЕУ.

На маргините на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, вицепремиерот Адеми оствари и неформални средби со своите колеги од регионот и од земјите членки на ЕУ, стои во соопштението од СЕП.

Најчитани вести