Балкан

Хан: ЕУ нема да прифати нови членки со нерешени билатерални спорови

Хан: ЕУ нема да прифати нови членки со нерешени билатерални спорови

Земјите членки на Европската унија нема да прифатат нови членки кои не си ги решиле билатералните спорови, порача во вторникот еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан во Европскиот парламент при презентацијата на Стратегијата на ЕУ за проширување.

Владеењето на правото, безбедноста и миграцијата, социоеконоскиот развој, транспортот помирување во регионот и негување на добрососедските односи е она што го очекува Европската Унија од шестте земји членки за кои се однесува стратегијата.

Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина се земјите опфатени во стратегијата. Во неа, како што напомена Хан и претставничката на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, се наведува 2025-та како можна година за прием на нови членки во Унијата, но критериумите мора да бидат исполнети.

„Ова не е краен рок кога нешто мора да се направи туку реална перспектива за временскиот период кога се очекува некои земји да го завршат циклусот на преговори, а оние кои не ги почнале да ги започнат“, рече Могерини.

Додаде дека и граѓаните и лидерите на Западен Балкан се решени дека сакаат да бидат дел од ЕУ, а со Стратегијата и тие им возвраќаат на ист начин односно им порачуваат дека и ЕУ ја гледаат истата перспективата за овој регион. Порача, дека очекуваат земјите да работат на реформите потребни за интеграција и да се поддржуваат меѓусебе.

„Да го внесеме Западен Балкан во ЕУ не во некоја далечна иднина, туку нашата генерација. Следните месеци ќе бидат интензивни и амбициозни и се надевам дека следните месеци ќе ги паметиме како пресвртница и клучни за ЕУ. Бројот на членки не е врзан за бројот 27 и може да биде поголем. Заедно сме во ова, потребна е истрајност, храброст и одлучност“, порача Могерини.

Еврокомесарот Хан, пак, посочи дека она што се предвидува во Стратегијата, во која 2025-та е можна година на проширување треба да се сфати како позитивен притисок. Западен Балкан, порача еврокомесарот, и е потребен на ЕУ поради за се обезбеди стабилноста и во регионот и во цела Европа.

Покрај шесте земји опфатени со стратегијата, како што рече еврокомесарот, и ЕУ има домашна задата, таа е да ги убеди членките зошто Западен Балкан ѝ е потребен на Унијата.