Хан, Ховит, Кукан, Вајгл: Пропаѓање на договорот од Пржино ќе има сериозни последици

– Оваа средба имаше цел да ѝ помогне на земјата да најде начин за напредок во имплементацијата на договорот од Пржино, со учество на сите потписнички на Спогодбата, стои во официјалното соопштение на комесарот Хан и Ховит, Кукан и Вајгл.

Тие во соопштението посочуваат дека постојаните проблеми со владеењето на правото во Скопје, кои го поткопуваат овој договор, мора да се решат без понатамошно одложување.

– Ова особено се однесува на неодамнешните помилувања од страна на претседателот и чекорите што се итно потребни за подготовка на веродостојни избори, кои би можеле да бидат признаени од страна на меѓународната заедница, се подвлекува во соопштенито.

Хан, Ховит, Кукан и Вајгл потенцираат дека остануваат цврсто посветени и се на располагање да им помогнат на партиите.

– Сепак, нагласуваме дека одговорноста да се постигне демократски напредок и да се напредува на евроатлантскиот пат зависи од самите партии, од име на граѓаните на нивната земја. Сега тие се на ред да постигнат нешто и да го дефинираат патот нанапред, порачуваат во соопштението.

Во соопштението стои дека тие постојано велат оти пропаѓањето на договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Комесарот Хан и европратениците Ховит, Кукан и Вајгл изразуваат длабоко жалење за, како што се вели во соопштението, ретроградните чекори што ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон членство во Европската Унија.

– Во отсуство на каков било понатамошен напредок, сега сме принудени да разгледаме какви понатамошни активности се потребни за да се исполнат барањата јасно поставени од Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент. Ние, исто така, ги признаваме изјавите и акциите на граѓанското општество во земјата и ја изразуваме нашата целосна поддршка за сите мирољубиви напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислењето, кои се централни вредности во сите европски демократии“, се подвлекува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.