Хан: Избори до крајот на април мора да има

Избори до крајот на април мора да има. Ова на прес-конференцијата по завршувањето на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Унија го нагласи еврокомесарот Јоханес Хан.

Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Унија се одржа денес под ко-претседателство на Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија и  Јоханес Хан, комесар за проширување и соседска политика на Европската Унија.

На прес-конференцијата која ја одржаа Груевски и Хан беше потенцирано дека договореното се исполнува и дека заложбите ќе продолжат со тоа темпо.

Хан: Избори во април мора да има

Еврокомесарот Хан во своето обраќање го поздрави враќањето на СДСМ во Собранието и изборот на специјален обвинител, и децидно посочи дека избори во април мора да има.

Во рамките на овој дијалог, разменивме мислења, се сретнав одвоено со сите лидери на партии и направивме преглед до каде е ситуацијата, до каде се реформите. Сите мои партнери потврдија дека изборите мора да се одржат до крајот на април, како што беше договорено. Има обврска која што треба да се исполни во однос на одржувањето на изборите и во склад со европските и меѓународните стандарди треба да се подготват овие избори, рече Хан.

Груевски: Почетокот на пристапните преговори со Македонија е можен и неопходен

Премиерот Груевски потенцираше дека истовремено со надминување на предизвиците, Владата продолжува со реформи на сите полиња и со цврстата заложба која ја води за Македонија да ги почне пристапните преговори за влез во ЕУ.

Груевски: Почетокот на пристапните преговори со Македонија е можен и неопходен
Груевски: Почетокот на пристапните преговори со Македонија е можен и неопходен

Сметаме дека постигнатиот договор за политичката криза и процесот на неговата имплементација, треба да се искористи како можност и катализатор за паралелно рестартирање на евроинтеграциските процеси на Македонија. И покрај предизвиците со кои се соочивме, Македонија ќе продолжи со уште посилно темпо да спроведува реформи во областите кои се клучни за нашата интеграција во ЕУ- економијата, правосудството, образованието, медиумската сфера, политичкиот дијалог и продлабочувањето на добрососедските односи ќе бидат во нашиот фокус. Почетокот на пристапните преговори со Македонија е можен и неопходен и треба конечно да се случи, како што повеќе години наназад предлага Европската Комисија. Треба да се дозволи тие да течат паралелно со разговорите  за наметнатиот спор за името со нашиот јужен сосед со кого сме одлучни да градиме партнерски односи во рамките на ЕУ и НАТО. Тоа ќе биде најдобра мерка за зајакнување на меѓусебната македонско-грчка доверба, истакна Груевски.

Македонија денес доби ветување од еврокомесарот дека Европската Комисија ќе направи се што е во нејзина моќ за да ги убеди членките на ЕУ да го вреднуваат напредокот на Македонија во интеграциските процеси.

На разговорите станало збор и за мигрантската криза со која е соочена нашата држава. Премиерот потенцира дека Македонија покажа солидарна одговорност како европски партнер за надминување на кризата.

Комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија истакна дека Европската Унија не треба да дозволи балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија, да бидат паркинг за мигрантите.

Инаку, во текот на утрешниот ден еврокесарот Хан ќе го посети прифатниот камп во Гевгелија.