Хан ќе го претстави Извештајот за напредокот на Република Македонија

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан денеска ќе ги претстави пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) извештаите за напредокот на земјите од процесот на проширувањето на Европската унија, меѓу кои и за Република Македонија.

Засега официјално не е потврдено времето кога Хан ќе ги презентира извештаите на прес-конференција во зградата „Берлемонт” на Еврокомисијата во Брисел, но се очекува тоа да го стори околу 14 часот, пренесе МИА.

Еврокомисијата вчера не сакаше да потврди дали комесарот за преговори за проширување тоа јавно ќе го стори и пред новинарите, како што е пракса секоја година.

До последно останува непознато како ЕК ќе ја услови препораката до Европскиот совет по седми пат по ред да и додели датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ.

Неформалната Влада на Унијата очекуваше вчера македонското Собрание да ги усвои законите договорени со договорот од Пржино, со што препораката за Македонија би била полесно условена со навремено спроведување на точките од договорот, вклучително и со одржување и спроведување на предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година.

Инаку, овие прогрес-извештаи на Европската комисија, по првпат по пет години беа одложени и наместо во средината на октомври, ќе бидат презентирани еден месец подоцна, како резултат на замрзнувањето на проширувањето на ЕУ за најмалку пет години, но и фокусот на бегалската криза што ја зафати Унијата и земјите од процесот на проширување, меѓу кои и Македонија и Турција.