четврток, 24 ноември 2016  |  Вести денес: 81

Хан ќе ги пречека македонските политички лидери во „куќата на ЕУ“

хан

Последни вести

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан,  заедно со тројцата европратеници Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, утре на домашен терен во австрискиот главен град Виена ги очекува четворицата македонски политички лидери Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети на нова рунда разговори за решавање на политичката криза во Република Македонија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, со почеток во 11:00, Хан утре ќе биде домаќин на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ДУИ во т.н. „куќа на Европската унија“ во Виена, која се наоѓа на улицата „Виплинштрасе“ во близина на центарот на австриската престолнина.

И покрај тоа што Европската унија има своја делегација при ОБСЕ и при Обединетите нации во Виена, Хан и европратениците Кукан, Ховит и Вајгл ја избраа „куќата на Европската унија“ како ново Пржино. Се работи за модерно здание што е цеосно во стакло кое се нарекува така бидејќи во него се сместени канцелариите на Европската комисија и Европскиот парламент во Виена.

Иако лидерот на СДСМ Зоран Заев го услови своето присуство на овие разговори со два услова кои досега не се исполнети, Хан и европратениците ќе ги очекуваат македонските политички лидери на утрешниот состанок и покрај тоа што никој ниту од Еврокомисијата, ниту од Европарламентот не го потврдува ниту нивното присуство. Присуството на овој состанок, засега официјално го потврди партијата ВМРО-ДПМНЕ која се очекува со висока делегација предводена од претседателто на партијата Никола Груевски да пристигне во австриската престолнина. Во Виена потврди дека ќе оди и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Сепак, во „куќата на ЕУ“ во Виена веќе се подготвува салата за состанокот за решавање на македонската политичка криза и неофицијално, европските посредници ги очекуваат сите повикани да присуствуваат на лидерската средба која би се одржала и со отсуство на некој од нив.

Најчитани вести