Хан: Ќе работам на тоа да се започнат преговорите со Македонија

Јоханес Хан, идниот еврокомесар за преговори за проширување и соседска политика, вети дека сериозно ќе се нафати за тоа Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија за време на неговиот мандат, јавува дописникот на МИА од Брисел.

На сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент што е е во тек, Хан посочи дека е наприфатливо Македонија да е земја кандидат од 2005 година и се уште не ги почнала пристапните преговори.

На почетокот на своето излагање, Хан посочи дека преговорите за проширување ќе започнуваат и траат интензивно во следните пет години, но дека ниту една земја нема да стане дел од Унијата до 2019 година. Сепак, европратеникот од грчката неофашистичка партија Златна Зора, Јоргос Епитидејос, во неговото прашање посочи дека е познато оти има застој во постапката на пристапување на Македонија поради реакцијата на грчката Влада поради тоа што, според него, Владата на Македонија не го почитувала договорот со Грција.

– Тие и понатаму се служат со името Македонија и ова прашање за името ни е од големо значење, оти е име на најважен регион во северна Грција. Без оглед на тој проблем, Македонија не ги почитуваше и Копенхашките критериуми за да размислува за пристапување. Како вие ќе пристапите кон тоа прашање за да дојде до решение кое ќе биде во интерес за Европа, праша грчкиот генерал од неофашистичката партија.

Наследникот на Штефан Филе, одговори дека за Македонија, темата на тоа прашање е позната и ќе биде голем предизвик следните неколку години.

– Се разбира дека не е задоволително таа земја од 2005 година да има статус кандидат и уште да не може да почне со преговорите. Тоа влијае и на расположението кај граѓаните во земјата и реформите во земјата се успорија. Тоа не е задоволителен развој на настаните и за мене ќе биде важно да се позанимавам со тоа и да се обидам да најдам решение, истакна Хан.

Според идниот комесар за проширување, оваа задача што ја превзема нема да биде лесна, но како што рече, во интерес на граѓаните на Македонија ќе биде неопходно да се поработи на тоа за да се почне со преговорите.