Хан: Македонија и Србија се жртви на мигрантската криза

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан уште еднаш директно порача дека земјите од Западен Балкан, при што ги потенцираше Република Македонија и Србија, ќе бидат помогнати од Европската унија, бидејќи, според него, тие се жртви на ситуацијата со бегалците, објави МИА.

Пред денешниот состанокот на Колеџот на комесари на Европската комисија, кој доаѓа откако Советот на Унијата донесе одлука за прераспределба на 120 илјади бегалци од Арапскиот свет и Африка во земјите-членки на ЕУ, еврокомесарите се состанаа со цел да одлучат за доделување дополнителна помош на земјите кои најмногу се повлијаени од бегалската криза.

Ние и понатаму ќе им помагаме на земјите како Македонија и Србија. Бев во првата земја минатиот викенд, а во петок ќе патувам во Србија да ги посетам заедно со премиерот бегалските кампови и да добијам личен впечаток за ситуацијата. Но, и тука Европската унија е подготвена да помогне со цел да се справивме со овие предизвици, бидејќи, што е важно да се напомене, ова не е проблем на земјите од Западен Балкан. Тие, исто така се жртви на ситуацијата и затоа ние мораме да им помогнеме, потенцираше Хан.

Еврокомесарот задолжен за проширување на Унијата исто така ги повика сите земји од Западен Балкан да се справат на адекватен, хуман начин со предизвиците и посебно да обезбедат отворен премин преку границите, а не да ги затвораат и да не влијаат на бизнисот и на економијата во регионот.

Ако границите се затворени и камионите не можат да поминуваат, тогаш тоа има директно влијание на економската ситуација во регионот и ова е нешто што ние мораме да го надминеме, им порача Хан на Србија и Хрватска, земји од Балканот што се во судир поради меѓусебно затворање на границите.

Во однос на српско-хрватската вербална војна на највисоко политичко ниво, еврокомесарот истакна дека негова намера е „едноставно да ги разоружа“ во однос на зборовите и изјавите и тие да останат смирени и да се обидат да ги решат проблемите, да се посветат на проблемите, но не да се внесуваат во остра реторика што според Хан дефинитивно не помага.

На новинарско прашање дали е можно да се постават т.н. „жешки точки“ за прием и регистрација на бегалците и кај земјите од Западен Балкан Јоханес Хан одговори негативно.

Се работи за засилување на нашата надворешна граница и ова е примарно меѓу Турција и Бугарија и меѓу Турција и Грција. Затоа, мислам дека токму таму треба да ги поставиме овие „жешки точки“, овие центри за прием со цел да се регистрираат луѓето на сеопфатен начин, не само да им се земе изјава и да се запишат, туку навистина да се проверат лицата или барем да се направи обид да се проверат нивните лични податоци. Ова треба да биде сторено вееднаш откако лицата ќе пристигнат на територијата на Европската унија, дециден е Хан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.