Хан: Можеби е потребен поинаков пристап во решавањето на спорот за името

„Постои иницијатива на Обединетите нации. Но, по дваесет години нерешавање на спорот за името, можеби би требало да видиме дали е можен поинаков пристап“. Ова во изјава за Радио Слободна Европа го посочи новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан, во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција.

Тоа, според него, влијае врз натамошното интегрирање на земјите од Западен Балкан и не е во интерес на Европската унија. Еврокомесарот Хан додава дека од македонската Влада зависи дали може да ги спроведе реформите за придвижување на земјата.

– Но исто така е неопходно целосно функционален парламент што значи дека сите избрани партии не треба да бидат само избрани, туку и во парламентот. Затоа мислам дека е важно да се реши прашањето за името, со цел граѓаните на Македонија повторно да имаат европска перспектива, вели еврокомесарот Јоханес Хан.