Хан: Не е важно дали СДСМ ќе учествува, важно е изборите да бидат фер и демократски

За нас клучно е изборите да бидат фер, транспарентни и демократски. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. Врз основа на ова може да се направат наредните чекори и да продолжиме напред.

Ова во интервју за најновиот број на бугарскиот неделник „Капитал“ го истакна eвро-комесарот за проширување Јоханес Хан.

Хан зборува меѓу другото и за ситуацијата во Македонија, изборите кои следат и ставот на ЕУ во врска со спроведувањето на договорот од Пржино и априлските избори.

Хан нагласува дека за ЕУ е посакувано СДСМ да учествува на изборите, поради што ОБСЕ понудило помош и на ДИК и ќе учествува со рекорден број на набљудувачи на терен. Меѓутоа Хан и ЕУ се свесни дека тоа може да не се случи, па затоа приоритет за ЕУ се фер и демократските избори, дури и опозицијата да одлучи да го искористи демократското право да не учествува на нив.

На прашањето од Капитал за тоа како очекува да се развие ситуацијата во Македонија, откако премиерот Никола Груевски поднесе оставка и беше назначен „привремен премиер“, но опозицијата т.е. СДСМ одбива да оди на избори во април, бидејќи се сомнева дека тие ќе бидат фер и што ќе се случи ако социјалистите го бојкотираат гласањето, и што е подобро – изборите да бидат спроведени без нив или да се бара компромисно решение, Хан одговара:

Договорот меѓу опозицијата и Груевски за решавање на политичката криза во Македонија има многу елементи и изборите во април се само еден од нив. Дел од овие елементи се исполнети, дури иако тоа се случи по крајниот рок кој беше предвиден. Се разбира, во таква чувствителна ситуација е убаво да има национален консензус. Но треба да се имаме предвид дека тоа можеби и нема да е можно. Она што е важно за нас е изборите да се фер и демократски.

Работиме со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и тие ќе испратат повеќе луѓе од вообичаеното како набљудувачи и во подготвителната фаза на изборите, и на самиот изборниот ден. Во Турција на пример на последните избори имаше 30 набљудувачи, а сега во Македонија, многукратно помала држава, ќе има 24. ОБСЕ се подготвени да соработуваат и со Државната изборна комисија ако таа побара помош. Пак ќе кажам, за нас клучно е изборите да бидат фер, транспарентни и демократски. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. Врз основа на ова може да се направат наредните чекори и да продолжиме напред.

Хан додава и дека блокирањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ од страна на Бугарија и Грција придонело за создавањето на ваквата атмосфера и ситуацијата во која се наоѓа Македонија во моментот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.