Хан: Опозицијата да се врати во Парламентот

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан денеска од Брисел испрати уште една порака до сите политички чинители во Република Македонија, дека треба да се вратат и да функционираат во Парламентот, додека оние што имаат какви било докази за криминал, истото да го достават до државните органи и обвинителството. Oваа своја порака, Хан ја испрати од денешната прес-конференција по овонеделната посетата на Скопје, а во врска со актуелните случувања во Македонија, пренесува МИА.

– Секогаш барам сите партнери да го решат овој конфликт со почитување на основните принципи на владеење на правото, а ако има некакви материјали што обвинуваат дека има криминално влијание или нешто такво, треба да се достават до оние кои се на власт, а тоа е обвинителството и судскиот систем кој треба ова да го проследи на адекватен, независен и транспрентен начин, истакна Хан.

Претходно, наследникот на Штефан Филе рече дека во Македонија има длабока политичка криза, дека во земјата испратил јасна порака до сите политички страни и се обидел да се сретне со сите политички актери, не само со Владата, туку и со лидерите на опозицијата.

– Сите политички страни треба да ја решат сегашната политичка разлика во Парламентот, со целосно почитување на основните права и независност на судството, за земјата да се врати од работ каде што е сега. Затоа побарав поддршка и од други европски институции, посочи Хан.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, зошто не сакаше да даде изјава додека беше во Македонија, туку за средбите извести ден подоцна преку соопштение, првиот човек за проширување на Европската унија со одговор: – Ако не ја ценев вашата работа, немаше да бидам тука да ве информирам за тоа што се случи и моето разбирање за професионалната работа е дека некогаш, некој треба да истражи, да дискутира, да побара можни решенија и несекогаш е најдобро време итно да се реагира и да се рече нешто многу спонтано, туку некогаш треба да се соберат информации и да се реагира, одговори Хан.

На дополнителното прашање од каде во соопштението на ЕК се споменуваат „загриженост за прислушувани илјадници граѓани”, кога тоа е бројка ја кажува само опозицискиот лидер Зоран Заев и дали Брисел поддржува објавување на прислушувани разговори добиени од странски разузнавачки служби, според признанието на Заев, еврокомесарот за преговори за проширување истакна дека неговото разбирање за оваа мисија било да има прв личен контакт со клучните играчи и дека во сите негови дискусии, покрај барањето на можно решение за да се надмине оваа криза, како генерален ефект дека опозиција е веќе две години надвор од Парламентoт, посочи дека ова не треба да е случај за земја што бара европска перспектива.

– Секогаш барам сите партнери да го решат овој конфликт со почитување на основните принципи на владеење на правото, а ако има некакви материјали што обвинуваат дека има криминално влијание или нешто такво, треба да се достават до оние кои се на власт, а тоа е обвинителство и судскиот систем кој треба ова да го проследи на адекватен, независен и транспрентен начин, одговори Јоханес Хан.