Хан: Политичките партии да ги решаваат проблемите во Парламентот

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседство, Јоханес Хан уште еднаш испрати порака дека сака да види политичката дебата во Република Македонија да се одвива во Собранието, а не на некое друго место, јавува МИА.

Хан во изјава за МИА потврди дека следната недела ќе дојде во дводневна работна посета на Скопје, но не сакаше да го коментира случајот „Пуч” и заканите кон премиерот Никола Груевски од страна на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев со компромитирачки материјали добиени, според признанието на Заев од странски разузнавачки служби.

– Планирам да ја посетам Македонија следната недела и не сакам засега да давам некакви коментари, освен фактот дека инсистирам, како и секогаш, сите политички партии да ги решаваат проблемите во Парламентот и да имаат политичка дебата во Парламентот, а не тоа да го прават на некое друго место. Во моментов и засега, не сакам да давам дополнителни коментари и мора да добијам понатамошни информации за последните настани, истакна Хан пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи во Брисел.

Наследникот на Штефан Филе на местото прв човек за проширување на Европската унија, испрати порака и дека Брисел е подготвен да им помогне на Македонија и Албанија со последиците од последните поплави кои нанесоа големи штети на земјите.

– Како и секогаш, каде што има катастрофа, можна е европска поддршка. Апсолутно е важно да се преземе акција за штетите и трошоците за покривање на штетите. Ако е тоа јасно, ќе имаме појасна и прецизна слика, па ќе организираме нешто оти сме свесни за последиците од оваа природна катастрофа, порача Хан.

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседство, на 15-ти и 16-ти овој месец ќе дојде во Македонија, што ќе биде прва негова официјална посета на нашата земја откако го презеде ресорот од Филе.