Хан: Регионална економска зона ќе поттикне економски раст на западен Балкан

Клучен приоритет за земјите од регионот е создавањето регионална економска зона која ќе го поттикне економскиот раст и ќе создаде нови работни места, изјави во саботата еврокомесарот за соседна политика и проширување на Европската унија, Јоханес Хан, на неформалниот состанок на премиерите на земјите од западен Балкан што се одржува во Драч.

Еврокомесарот Хан истакна дека регионалната економска интеграција не е и не треба да се гледа како алтернатива за членството на земјите од западен Балкан во Европската унија туку како корисно дополнување во интерес на сите.

Во албанскиот приморски грд Драч претпладнето почна неформалната средба на претседателите на владите на земјите од западен Балкан, на која учествува и македонскиот премиер Зоран Заев.

Средбата се одржува во резиденцијата „Мелиса“, каде што на почетокот албанскиот премиер Еди Рама приреди прием за учесниците, по што почнаа неколкуте работни сесии на теми поврзани со регионалната соработка и за зајакнување на интеграциските процеси на западен Балкан, јави известувачот на МИА.

Покрај премиерите на државите од регионот, во Драч се и комесарот за проширување на Европската унија Јоханес Хан и потпретседателот на Светска Банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

Европската комисија очекува во фокусот на неформалната средба на премиерите од западнобалканската шесторка да биде јакнењето на имплементацијата на обврските преземени за време на Самитот на ЕУ – западен Балкан, што се одржа во јули годинава во Трст, особено акцискиот план за продлабочување на регионалната економска интеграција.

Регионалната економска зона, договорена на самитот во Трст, ќе обезбеди нови можности за бизнисот и граѓаните, ќе го зајакне економскиот раст и работните места. Следните конкретни чекори вклучуваат меѓусебно признавање на професионалните квалификации, идентификување и надминување на препреките за трговија и инвестиции во регионот, воспоставување на регионален дијалог за дигитална трансформација и започнување преговори за механизми за решавање на споровите, се вели во соопштението од ЕК пред средбата во Драч.

Европската комисија силно ја поддржува регионалната соработка на Западен Балкан, како неопходен дел од нивната перспектива за пристап кон ЕУ, преку значителни инвестиции во поврзување на инфраструктурата, економиите и луѓето во самиот регион и меѓу регионот на Западен Балкан и ЕУ.

На маргините на неформалниот состанок во Драч се очекува и средба меѓу премиерите на Македонија и Србија, на која српската премиерка Брнабиќ ќе му ја пренесе на македонскиот премиер Заев поканата за одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава.