Хан: Решение за спорот за името со лидерство и државништво

Спорот за името меѓу Македонија и Грција може да се реши во блиска иднина со лидерство и државништво во двете земји, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

„Ова е спор кој трае долги години. Постојат одредени чувства, особено во Грција, но знам дека актуелната грчка влада е посветена да го реши овој проблем, да најде решение со својот сосед. Уверен сум дека тоа може да се постигне во блиска иднина“, вели Хан во изјавата за Дојче веле.

Посочува дека е потребно лидерство и државништво не само да се најде решение, туку и за да се постигне согласност и да се обезбеди неопходното политичко мнозинство.

„Тоа е предизвик за лидерите во двете земји. Јас сум во постојан контакт со нив, и тие се многу посветени и знаат дека е важно да се најде решение затоа што таков нерешен проблем не може да остане меѓу две земји среде Европа“, вели Хан.

Прашан дали сликите од настани како протестите во Атина го прават помалку самоуверен за процесот, Хан одговара дека би бил на погрешна функција доколку лесно му влијаат такви настани.

„ Тоа е дел од нашата секојдневна работа. Тоа е предизвик, но работиме за подобра Европа, а подобра Европа значи подобри животни услови за нејзините граѓани, особено во регионот, а тоа има влијание и врз нас во ЕУ. Затоа и го правиме ова. Дефинитивно не е лесно, но е неопходно, посочува Хан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.