Хан: Се надевам на значаен прогрес за европерспективата на земјата

Се надевам дека на крај ќе постигнеме значаен прогрес за европската перспектива на земјата. Понекогаш е подобро да се имаат интерни разговори со цел да се постигне напредок, изјави еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување Јоханес Хан по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

Хан не кажа детали за разговорите.

Премиерот Груевски по средбата во резиденцијата на ЕУ рече дека го информирал Хан за сите случувања во Македонија.

– Ова беше добра можност во еден подолг разговор да го информирам комесарот за сите случувања, за сите наши чекори што ги правиме за различни сектори – во економијата, во сите други сектори и да слушнам како тие гледаат на тоа и што очекуваат од нас. Исто така, поразговаравме и за актуелната политичка ситуација. Го кажавме она што е вистината, односно она што се случува, изјави Груевски.

На прашањето дали има предлог од Хан за надминување на кризата, премиерот одговори дека не станало збор за тоа, туку дека биле разменети мислења.

2

По средбата со премиерот Груевски, Хан попладневно треба да се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Претходно, денеска тој беше примен од претседателот Ѓорге Иванов и имаше средби со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и со лидерот на СДСМ  Зоран Заев. Еврокомесарот Хан е во прва посета на Македонија. 

Хан: Сите политички прашања да се решаваат во Парламентот

Опозицијата да се врати во Парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања, порачал комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на средбата со претседателот Ѓорги Иванов. Хан, според соопштението од кабинетот на преседателот, посочил дека во Македонија е дојден да помогне да се најде излез од актулената политичка состојба.

– Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во Парламентот, а не надвор од Парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во Парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања, рекол Хан.

Комесарот Хан изразил надеж дека Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

Претседателот Иванов истакнал дека Македонија како демократска држава мора да покаже зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и тие мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог.

– Како претседател давам целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела, рекол македонскиот претседател на средбата со Хан.

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порачал политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

Македонскиот претседател побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан, и укажал дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции, предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.

Претседателот Иванов го реафирмира ставот на Република Македонија за градење и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, како и подготвеноста за решавањето на сите отворени прашања, со цел придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Потенцирал дека позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики, треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед.

Шефот на државата истакнал дека Македонија останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека е потребно Европскиот совет да ги согледа последиците од моменталната статус кво состојба и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од ЕК.

3

Бесими-Хан: Интерес и на ЕК и на Македонија е поскоро отворање на преговорите

Интерес и на Европската комисија и на Република Македонија е поскоро отворање на пристапните преговори и членство на земјата во ЕУ. Во таа насока од ЕК очекуваат Република Македонија да работи кон надминување на предизвиците со кои е соочена и да ја одржи реформска агенда, било истакнато на средбата меѓу вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.

Кабинетот на вицепремиерот Бесими соопшти дека на средбата фокусот бил ставен на напорите на Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите нопходни за успешна реализација на евроинтегративниот процес на нашата земја, како и за статусот на спроведувањето на ИПА.

На состанокот се разговараше за спроведувањето на приоритетните активности, произлезени од Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, меѓу другото и за областите, слобода на изразување и медиуми, судство, борба против корупција и организираниот криминал, меѓуетнички односи, реформи во јавната администрација, добрососедски односи, регионална соработка и зголемување на економскиот раст и вработување.

Заменик претседателот на Владата Бесими, како што се наведува во соопштението, се осврна и на потребата од продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво, со цел одржување на динамиката во реформскиот процес и постигнување на инклузивност преку политички дијалог и вклучување на општествените чинители, што ќе придонесе кон кредибилноста на процесот на европска интеграција на Република Македонија.

Меѓу другото, станало збор и за статусот на спроведување на ИПА, Акцискиот план за подобрување на искористеноста врз основа на научените лекции, програмирањето на ИПА 2015-2016, како и за можноста за помош од страна на Европската Унија и нејзините земји членки со цел санирање на настанатите штети во поплавените подрачја.

Хан по средбата со Бесими не даде изјава за медиумите за содржината на разговорите. Кратко рече дека тука е за да разговара, но оти нема да дава изјава по првите средби, а  оценката ќе ја изнесе откако ќе се сретне со сите соговорници.

4

ЕП е подготвен да посредува за надминување на политичката состојба

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на средбата со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакнал дека неговата денешна посета е со цел да се нагласи заинтересираноста на Европската унија и нејзините институции за што поскоро надминување на моменталните несогласувања настанати на политичко ниво.

Како што соопшти кабинетот на Вељаноски, еврокомесарот на средбата потенцирал дека Европскиот парламент е подготвен да помогне со свое надворешно посредување доколку тоа би придонело во надминување на актуелната состојба.

Вељаноски посочил дека можеби доколку се одржи заедничка средба на македонските политички партии со сестринските европски партии ќе почне полека да се работи на враќање на довербата меѓу нив, што е основа за натамошниот дијалог и надминување на несогласувањата.

Двајцата соговорници, стои во соопштението, се согласиле дека работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава е од исклучително значење од што произлегува потребата тоа да работи со полн капацитет.

Досега, истакнал претседателот на македонскиот Парламент, сите пратеници заеднички работеле за постојано зајакнување на капацитетите на Собранието, за што секоја година Собранието добива позитивна оценка во Извештајот на ЕК. Уште еднаш изрази надеж дека опозицијата ќе прифати да се врати и конструктивно да учествува во работата на Собранието.

Комесарот Хан се согласи дека во едно зрело демократско општество дебатата треба да се одвива во Парламентот бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент да се изразат мислењата и ставовите, се наведува во соопштнието. Тој истакна дека очекува сите политички партии да придонесат во приближувањето на различните ставови и се надева дека опозицијата ќе се приклучи во работата на Собранието.

На средбата исто така се разговарало за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија и за тековните активности на Собранието.

Двајцата соговорници изразиле надеж дека денешната посета и средбите на комесарот со сите засегнати фактори ќе бидат поттикнувачки импут во подобрување на политичката клима во државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.