Хан се сретна со партиските лидери

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вечерва во Собранието на Република Македонија се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците и Движењето Беса.

Во тек е средбата на Хан со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Беса: Поддршка од Хан за што поскоро формирање влада

Европската унија преку комесарот Хан е тука да ни помогне што поскоро да излеземе од оваа криза. Не сакаат да се мешаат во нашите внатрешни работи, но тука се за да помогнат што поскоро да направиме нова влада и конечно да излеземе од економската, политичката и институционалната криза, изјави Африм Гаши, генерален секретар на движењето „Беса“ по средбата со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

– Хан не охрабрува ние како политички партнери кои имаме доверба од граѓаните да почнеме да разговараме и да дојдеме до решение. Се зависи од нас. Никиј од надвор ништо не ни наметнува, рече Гаши по средбата на која присуствуваа лидерот Билал Касами и дел од нивните пратеници.

На новинарско прашање тој истакна дека пратениците на „Беса“ се подготвени да ги дадат потписите за лидерот на опозициската СДСМ за добивање мандат за формирање влада, но нагласи дека во однос на конституирањето на самата влада тоа е друг процес за кој ќе преговараат.

– Ако нешто во тие договори е во спротивност со нашите принципи, секако дека нема да бидеме дел од таа власт. Но сакаме да покажеме со сите наши постапки дека сакаме да помогнеме на кој било начин Македонија да излезе од кризата, посочи Гаши.

Според него, поддршката за новата влада ќе зависи од тоа каква политичката платформа таа има и кои ќе бидат предлозите за министри, појаснувајќи дека нивен став е во владата да нема инкриминирани лица. Доколку мандатарот предложи министри кои се инкриминирани, имаат отворени процеси во Јавното или во Специјалното обвинителство, ние за таква влада нема да гласаме, додаде Гаши.

Тој истакна дека се уште нема иницијатива за преговори од страна на СДСМ, но дека нивната поддршка за нов мандатар е јасно покажана и прашањето го сметаат за техничко.

Во меѓувреме, еврокомесарот Хан одржа средба со Зијадин Села од Алијасната за Албанците.

Села: Нови избори не се решение за политичката криза

Предвремени парламентарни избори не се решение и би ја компликувале политичката ситуација во земјата. Ова како што изјави Зијадин Села од Алијансата на Албанците била заедничка констатација на средбата вечерва со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

На новинарско прашање тој повтори дека се е подготвено да ги дадат своите потписи за мандатар за влада, но го повтори партискиот став дека нема фомрирање влада без са де прифати политичката платформа на албанските политчки партии.

– Ако СДСМ сака да формира влада, не треба да ги омаловажува вистинските проблеми. Без прифаќање на албанскиот за службен јазик во сите институции на државата нема да има никаква поддршка ниту Заев ниту која било друга партија, рече Села.

Прашан што подрзабира под широко мнозинство, тој рече дека би бил за влада која има двотретинско мнозинство.

– Широка политичка влада за нас не е лошо решение како политичка опција, со тоа што сите за кои се покренати обвиненија од СЈО не треба да бидат дел од власта. Широка коалиција за влада со тоа што прво ќе почне со промена на Уставот во делот на јазиците и укинување на амандманот со кој ќе се овозмои службени јазици да бидат македонскиот јазик и писмо и албанскиот јазик и писмо, СЈО да стане уставна категорија, со решавање на проблемот со соседите, не велам само со Грција, со цел во мандатот на оваа влада Македонија да стане членка на НАТО. Тоа би било добро решение, рече Села и оцени дека не е сигурен колку пполитичките лидери се подготвени за компромиси.

Во тек е средба на комесарот Хан со претставници од ДПА.

Тачи: Груевски и Ахмети имаат договор за влада

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Никола Груевски и Али Ахмети имаат договор за влада, изјави првиот човек на ДПА Мендух Тачи по средбата со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во рамки на разговорите со политичките лидери на партиите застапени во Парламентот.

– Ги знам играчите од искуство, можеби ќе погрешам, но убеден сум дека Груевски и Ахмети имаат договор за влада, само не малтретираат. Би било коректно да ни кажат каков е тој договор, рече Тачи.

Тој истакна дека дошол на средбата за да се види со Хан кој, рече, две години и помагал на земјата за да се избегне оваа криза, а втората причина е, вели, дека на Албанците им недостига опозиционер како што е тој и ДПА, со оглед дека другите, како што рече, станале членови на некакви влади.

Прашан за евентуално одржување нови предвремени избори, лидерот на ДПА истакна дека тие никогаш нема да бидат дел од влада во која е и ДУИ. Тоа е рече и причината поради која не учествувале на средбите во Тирана и Приштина.

Тачи на новинарско прашање одговори дека досега неформално имал средби со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, но и со други партии освен со ДУИ.

Во однос на вонредниот конгрес на партијата информираше дека в сабота ќе се состане Централното собрание на партијата кое статутарно има право да расправа и да одлучува за вонреден конгрес.

Во рамки на разговорите со лидерите на партиите со освоени мандати во Парламентот, кои се одржуваат во македонското Собрание, Хан ги почна разговорите со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Ахмети: Очекуваме писмена понуда од СДСМ па ќе одлучуваме

На земјата и треба решение, но не какво било, туку кое ќе произведе стабилност, ќе го зајакне мирот, меѓуетничките односи и решение кое нуди сигурни гаранции за соодветни реформи во земјава, и дека ќе функционира владеењето на правото.

Ова, како што изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата вечерва со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, биле принципите врз оносва на кои двајцата размениле, вели, идентични ставови.

Тој истакна дека на средбата која ја оцени за многу значајна и содржајна, го информирал Хан за сите пет опции кои ги разгледува партијата во контекст на излезот од кризата.

На новинарско прашање тој истакна дека партијата има разговарано за коалициски договор за влада и со ВМРО-ДПМНЕ, а разговараат и со СДСМ. – ДУИ не е партија која работи зад грб, туку разговараме и разменуиваме мислења со сите, рече Ахмети.

За постигнување каков било договор со СДСМ рече очекува писмена понуда, по што ќе свика седница на претседателството, која вели ќе биде подолга поради важноста на одлуката што треба да се донесе за земјата.

– Сакаме материјали на писмено. Без тоа нема потписи од ДУИ. Прво треба да видиме што пишува на тој лист, а потоа ќе се одлучи од страна на органите на ДУИ, рече Ахмети.

Рокови за разговорите, рече, нема.

– Во Белгија консултациите траеја две години. Ние не сме Белгија и не велам дека ќе траат со години, не е ситуација која треба да биде без решение, но решението треба да биде вистинско. Со донесување избрзана одлука не би и направиле услуга на Македонија. Секоја одлука треба да се анализаира оти е од огромно значење за земјата, рече Ахмети.

Во однос на платформата на албанските парламентарни партии нагласи дека постои потреба за нејзино разјаснување и оти не станува збор за платформа, туку за заедничка изјава. Осврнувајќи се на детали околу нејзиното усвојување рече дека објавената декларација содржи делови, а мандатот во врска со преговори за новата влада од име на албанските парламентарни партии го има ДУИ. Било понудено и на Мендух Тачи за ДПА да се приклучи на изјавата, но тој одбил. Според него, нема простор за загриженост од платформата бидејќи таа не содржи план за, вели, „Голема Албанија“ или „етничка Албанија.

Заев: Правиме се поскоро да ги собереме потписите за добивање на мандатот

Што побрзо формирање влада е од инетрес на граѓаните и на целата земја. Најголемо очекување на граѓаните и на ЕУ се реформите. СДСМ со кампањата и својата платформа е целосно посветена на рефромските приоритети согласно извештајот на ЕУ и на Прибе со кои ќе се подоби животот на граѓаните. Ние како коалиција предводена од СДСМ правиме се час поскоро да го завршиме процесот на собирање потписи за да можеме да влеземе во преговори за формирање влада, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан вечерва во Собранието на Македонија посветена на разговорите за формирање влада.

Во однос на процесот за добивање мандат Заев рече дека лидерот на ДУИ Али Ахмети не барал ништо за да влезе во разговори за влада со Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, и дека тие ќе го испочитуваат тоа барање.

За нас зборот е збор без оглед дали е даден усно или на писмено, рече Заев.

Запрашан што е тоа што го бара Ахмети, упати за одговор на лидерот на ДУИ, но даде и негови видувања.

– Тоа што претпоставувам тие го очекуваат на писмено е тоа што е поврзано со идната владина програма – деталите околу нашата платформа, деталите околу нивната платформа и сето тоа што е поврзано со очекувањата на граѓаните, а тоа се идните реформски приоритети, посочи Заев.

На новинарско прашање за допрецизирање на можните барања на ДУИ, лидерот на СДСМ укажа на партискиот концепт за едно општество за сите.

– Ние го отворивме концептот на едно општество за сите и апсолутно сме растеретени од сите овие предрасуди кои што некој се обидува да ги наметне повторно во јавноста. Драго ми е што се отворија етничките прашања во Македонија и за нив треба да се разговара, посочи Заев.

Го повтори ставот дека партијата ќе се изјасни по платформата на албанските парламентарни партии откако ќе го добијат мандатот за состав на нова влада.

– Ние не бегаме од платформата. Имаме позитивен аспект на платформата, затоа што е предизвик за нешто што за дел од граѓаните им е пречка во секојдневниот живот, истакна Заев и додаде дека се што се разговара е во рамките на Уставот на РМ , а целта е вели, сите малцински етнички заедници да бидат еднакви.

Нагласи дека е задоволен што дел од албанските партии најавиле потписи за СДСМ, но рече дека нивното добивање значи добивање мандат, а потоа ќе следат разговорите за влада.

Во однос на СЈО и Извештајот на Прибе рече немааат никакви точки на разидување со албанските партии, а по однос на формирањето влада се залагаат за колку што е можно поширока владина коалиција и отворени се за разговор со сите освен со ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на можноста за нови избори посочи на препораката на еврокомесарот Хан кој сугерирал да се забрза со процесот на формирање влада, од која се очекува да ги спроведе бараните реформи.

Последната средба на еврокомесарот Хан вечерва е со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски која е во тек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.