Хан телефонски му порачал на Заев дека треба да се почитува договореното

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, според соопштението на Европската комисија, телефонски разговарал со претседателот на СДСМ, Зоран Заев за да го разјасни покренато прашање во врска со меѓупартискиот дијалог што го олеснува ЕУ, а по договорот постигнат во Скопје во вторникот на 2 јуни, јави дописникот на МИА од Брисел.

Комесарот потврди дека целосно и недвосмислено ја поддржува оценката на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и предвремените парламентарни избори во БЈР Македонија во 2014 година. Тој ги повтори забелешките на ОДИХР дека изборите беа ефикасно спроведени, но дека имало голем број сериозни проблеми, особено во однос на несоодветна поделба меѓу партиските и државните активности, обвинувањата за заплашување на гласачите и пристрасност на медиумите во корист на владејачките партии. Европската комисија, исто така, редовно изразува загриженост во врска со точноста на избирачките списоци. Сите овие прашања треба да бидат итно решени во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и препораките на Венецијанската комисија, се наведува во соопштението на неформалната Влада на ЕУ.

Во реакцијата на Брисел, стои и дека Европската комисија во неколку наврати ја повтори потребата да се испитаат сите потенцијални злоупотреби кои произлегуваат од прислушувањето, вклучувајќи ги и оние поврзани со изборна измама

Комесарот ги повикува сите партиски лидери да ги почитуваат обврските преземени на 2 јуни за надминување на актуелната криза и да ги продолжи разговорите за да се најде брз и траен договор со кој мора да се реши легитимната загриженост во врска со владеењето на правото и да се врати довербата на јавноста во институциите на државата. Ова е во интерес на сите граѓани на земјата, гласи пораката што предмалку ја испрати Еврокомисијата.

Како што е познато и покрај ставот на Заев дека во среда нема да дојде во Брисел на финализирањето на договорот постигнат минатата недела во Скопје, ЕК официјално ги повика него, Никола Груевски, Мендух Тачи и Али Ахмети на состанок со цел заокружување на рамката за решавање на политичката криза во земјата, што треба да финишира со организирање на предвремени парламентарни избори во април 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.