Хан утре во Скопје, партиите очекуваа утврдување на 11-ти декември

Комесарот за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан утре пристигнува на средби со политичките лидери и премиерот Емил Димитриев.

Целта на неговата посета и средби е да направи увид како се одвиваат подготовките за предвремените парламентарни избори закажани за 11-ти декември и процесот на спроведување на итните реформски приоритети.

Пред поаѓањето за Скопје, Хан во писмена изјава порачува дека важно е условите за одржување на веродостојни избори да се исполнети

„Договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставување на датумот на изборите за овој декември е добар чекор. Сепак, ова е само почеток. Важно е дека условите на веродостојни избори се целосно исполнети и дека граѓаните можат слободно да учествуваат на истите“, се вели во писмената изјава на  комесарот Хан.

Партиите со свои очекувања од средбите со Хан, но и од опозицијата и од владејачката партија велат дека утре очекуваат утврдување на 11-ти декември како датум за избори, дека постојат услови за одржување на фер и веродостоен изборен процес по кој ќе нема сомнеж во резултатите и гаранции дека никој нема да се обиде да го избегне соочувањето на граѓаните.

На средбата со Хан, партијата ќе го повтори својот став дека избори мора да има и дека народот е тој којшто одлучува кому ќе му ја даде довербата да ја води Република Македонија во следните четири години, велат од ВМРО ДПМНЕ.

„Изборите се единствениот излез од кризата и на крајот на август четворицата лидери се согласија дека сите услови за нивно одржување се исполнети, односно дека не постојат никакви рационални причини за нови бегство на СДСМ од соочување со граѓаните. Како што Зоран Заев избега во два наврати и ја пролонгираше кризата во која што ја втурна Република Македонија. На средбата ќе биде искажан и ставот дека ВМРО ДПМНЕ очекува по изборите партиите да ги признаат изборните резултати, истовремено ќе се истакне и посветеноста на реформскиот процес“, велат од владејачката партија.

Но, од ВМРО ДПМНЕ додаваат дека од еврокомесарот ќе се избори за враќање на кредибилитетот на интеграциите на Европската унија по повеќегодишни игнорирања на препораките за преговорите за членство на Македонија. Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија истакнуваат дека очекуваат главната порака на еврокомесарот да биде дека на земјава и’ се потребни кристално чисти избори на 11-ти декември.

И политичките аналитичари велат дека посетата на Хан треба и ќе резултира со ставање точка на надигрувањата и меѓупартиските обвинувања кој се обидува да избега од избори и да ги одложи изборите.

За вицепремиерот за евроинтеграции, Арбр Адеми посетата на комесарот Хан е потврда за европската перспектива на Македонија.

Нам ни останува по организирање и спроведување на изборите да се залагаме што поинтензивно да ги имплементираме потребните реформи, особено во областите на владеење на правото, економијата, и усогласување на законодавството со она на ЕУ“, вели вицепремиерот Адеми.

Вицепремиерот истакнува дека во овој исклучително важен период за Македонија сепак се направија позитивни чекори за излез од политичката криза.

Потребно е да покажеме и да докажеме дека имаме капацитет и посветеност да органзираме избори кои ги исполнуваат меѓународните стандарди и чии резултати ќе бидат широко прифатени. Останува наша обврска потоа интензивно да продолжиме да ги спроведуваме реформите со цел Македонија да се доближи до остварување на својата стратегиска цел, а тоа е членство на Македонија во ЕУ, истакна Адеми кој имаше средба со Хан пред две недели во Брисел.

Според него, спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино како основен предуслов за реализација на слободни, фер и демократски избори е приоритет за Владата, Собранието и за сите политички партии.