Хан: Важно е новата влада да се формира на солидна и широка основа

Важно е новата влада да се формира на солидна, широка основа и да ја следи европската перспектива. Нема да даваме совети на која било партија како понатаму да продолжи со своите активности, но сите треба да бидат свесни за сопствената одговорност, изјави денеска еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прес-конференцијата по Министерскиот состанок за Западен Балкан што се одржа во македонското МНР.

Во Скопје, како што кажа Хан, е дојден да ги ислуша лидерите на политичките партии и неговата јасна порака е оти земјата има постигнато многу, дека изборите само по себе не се крај на процесот – тие се важен и неопходен дел, но дека следен чекор е формирање влада што е можно поскоро бидејќи има многу и економски и безбедносни предизвици.

– Нема да даваме совети на која било партија како понатаму да продолжи со своите активности, но сите треба да бидат свесни за сопствената одговорност. Сега се работи за интересите на држвата и на граѓаните. Мнозинство граѓани се обединети околу европската перспективи. Колку што порано се формира влада толку ќе биде подобро, мислам дека нема време за губење, рече еврокомесарот.

Појаснувајќи го на новинарско прашање својот став за формирање влада со широка и солидна основа, Хан рече дека тој на попладневните средби со лидерите на партиите кои освоија мандати во Собранието нема да им дава никакви предлози, но рече дека колку што е постабилно мнозинството во Парламентот токолку е подобро.

– Крајната одлука треба да ја донесат политичарите во оваа земја, одговорни пред нивните гласачи, рече Хан.

Според него, важно е доколку Македонија треба да се фокусира на европската иднина, да се работи за демократско мнозинство.

– Можеби резултатот од изборите го изненади некого, но сега тоа треба да се почитува и сега е задача на политичарите да формираат влада, која ќе може да ја води земјата во следните четири години. А демократските одлуки треба да ги почитуваат сите политички партии, изјави Хан.

Повтори дека одлуката за формирање влада е во рацете на политичарите и оти тие треба да бидат свесни дека на ЕУ и требаат соговорници кои се залагаат за европската перспектива.

Хан потенцираше дека ЕУ треба да види како земјата ќе се движи напред потсетувајќи на препораката за отпочнување преговори.

Министерот за надворешни работи Никола Поповски во врска со внатрешните прашања во земјата, истакна дека одлуките за тоа што ќе се случува по изборите треба да ги донесат оние што биле избрани од граѓаните.

– Одлуките за тоа што ќе правиме, како ќе правиме после изборите имаат мандат да ги носат само оние кои се избрани од граѓаните. Добра работа е тоа што сите што се избрани во македонскиот Парламент се залагаат за интеграција во ЕУ, но сметам дека мора да го почитуваме тоа правило, дека суверено право на македонските граѓани е да имаат можност да ги носат одлуките и да не дозволиме ова правило да не се поремети ниту во иднина, рече шефот на македонската дипломатија.

Еврокомесарот Хан попладнево треба да се сретне со лидерите на политичките партии што се застапени во македонското Собрание.

Тој треба да има одвоени средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

На средбите се очекува да стане збор за актуелната политичка ситуација во земјата и за разговорите за формирање влада по предвремените парламентарни избори од 11 декември.

Активностите на еврокомесарот почнаа изутрината со средба со премиерот Емил Димитриев, по што во македонската Влада присуствуваше и на состанокот на министрите за енергетика од Западен Балкан.