Хан во Подгорица: Брзината на влегувањето во ЕУ зависи од резултатите

Црна Гора може да стане членка на Европската унија и пред 2025 година, изјави во петокот во Подгорица комесарот за политиката на соседството и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и додаде дека овој процес зависи од објективни заслуги и резултати.

Еврокомесарот Јоханес Хан во петокот попладнето допатува во црногорската престолнина Подгорица за да ја претстави Стратегијата на Европската комисија за западен Балкан и по разговорите со премиерот Душко Марковиќ им се обрати на членовите на парламентарната Комисија за европски интеграции и меѓународни односи и иселеници.

Хан притоа рече дека споменатата стратегија на ЕК за западен Балкан потврдува дека посветеноста на ЕУ на пристапувањето на Црна Гора е цврста и без дилеми, како и дека овој документ го дефинира патот на кој земјата би можела да се подготви за да стане членка до 2025 година.

„Државата има можност да ја искористи оваа перспектива. Дали ќе го оствари ќе зависи од објективните заслуги и резултатите“, истакна Хан додавајќи дека тука „нема слободно минување, доколку не се почитуваат критериумите“.

„Придружувањето на ЕУ е генерациски избор, но најважно е да се решат постојните недостатоци кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на изразувањето и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Не постои ограничување на брзината на патот кон членството. Процесот на пристапување на ЕУ подеднакво е важен како и конечната цел, односно членството“, истакна Хан.

Рече дека, кога станува збор за владеењето на правото, очекува натамошни напори на Црна Гора во оваа сфера што е предуслов за влегување во ЕУ, но и клучен предуслов во привлекувањето на инвеститорите и остварувањето на целите и унапредувањето на животот на граѓаните на Црна Гора.

„Земјата којашто ги завршила преговорите не би требало да ги чека другите, тоа не би било чесно ниту стимулативно. Во таа смисла, целиот процес во регионот е втемелен на принципот на регата, а не конвој. Значи, секој мора да ги искористи своите шанси и можности“, наведе Хан.

Шефот на парламентарната комисија, Андрија Вускановиќ од Хрватската граѓанска иницијатива, истакна дека Стратегијата на ЕУ е фора на отворена поддршка на процесот на европска интеграција на Црна Гора, и посочи дека е радосен што политиката на проширување е високо на агендата на ЕУ, од тоа што на Црна Гора, како лидер во процесот, ѝ дава дополнително поттикнување.

Премиерот Марковиќ рече дека Црна Гора има причина, како земја којашто најмногу напредувала во процесот на преговорите, да биде задоволна со она што е порачано низ Стратегијата.

„Тоа е одржлива платформа за проширување, како за земјите во процесот, така и за ЕУ. Тоа е јасна порака дека сме дел од Европа, и дека треба тоа да станеме и формално“, рече Марковиќ.