Ханес Свобода сака постепено отстранување на Тројката од Грција

Претседателот на групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Ханес Свобода, истакнал дека Тројката меѓународни кредитори, што ја следи политиката на штедење во земјите од Јужна Европа, како Грција, би требало постепено да биде укината, пренесува агенцијата „Франс прес“.

Главниот проблем е дека Тројката нема демократски легитимитет и нејзиниот став е неолиберален, изјавил Свобода во интервјуто објавено во неделниот број на весникот „Вима“. Условите за живот во земјите кои се под надзор на Тројката, не беа подобрени, истакнал тој.

„Поради овие причини верувам дека Тројката, експертите од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, во сегашната нејзина форма треба постепено да биде укината“, рекол Свобода.

Грција од 2010 година разработи два спасувачки план преку механизмот на ЕУ и на ММФ, за да ја надмине должничката криза во замена за наметнување на драконски мерки за штедење, што ја придвижуваат земјата во длабока рецесија и ја доведоа до скок на невработеноста, што сега достигнува 27 отсто.

Свобода истакна дека Европската комисија преку контролата на Европскиот парламент треба да одговара за спасувачките планови во земјите од Јужна Европа, што се соочува атдолжничка криза. Тој ја критикува политиката на штедење, проповедана од Германија, што според него довела до крајно општествена нееднаквост и високо ниво на невработеност.

Претседателот на социјалистите во Европскиот парламент се изјаснил сепак во поддршка на заздравување на буџетот, но со забавено темпо, како паралелно со тоа се преземаат мерки за поттикнување на растот.

„Грчката Влада треба да спроведе неопходните реформи и најмногу да се бори против даночните измами“, истакна тој.

Ханес Свобода ќе биде оваа недела во посета на Атина, за време на која се очекува да се сретне со грчкиот премиер Андонис Самарас и со други раководни претставници на Грција, која ќе го преземе ротирачкото претседателство на ЕУ во првата половина на 2014 година.

„Потребно е Грција да ги искористи правилно првите месеци на претседателствувањето за да се потенцираат европските приоритети и претежно потребата од политика за зајакнување на вработувањето“, посочил уште европратеникот.