Хаос во СДСМ: Кој лаже Заев? Црвенковски или Пендаровски?

Вистинска конфузија од изјави, нејасни пораки и лаги се појавија попладнево по интервјуто на поранешниот шеф на Социјалдемократскиот сојуз, Бранко Црвенковски за Дојче Веле.

Во интервјуто Црвенковски вели дека Стево Пендаровски би можел да биде следниот лидер на Социјалдемократите, но дека за тоа со него не разговарал. По ова со изјави се јави актуелниот претседател на СДСМ, Зоран Заев велејќи дека тој за ова разговарал со Пендаровски и дека тој му кажал дека за ова има разговарано и со Црвенковски. За на крај, претседателскиот кандидат на СДСМ од последните избор да тврди дека со никого не разговарал околу тоа тој да биде следниот шеф на партијата.

Црвенковски во интервјуто вели:

„Не сум разговарал, ниту имам право на тоа. Тоа е задача на најодговорните луѓе во партијата, а конечната одлука им припаѓа на делегатите на конгресот. Но, познавајќи го долго време и имајќи ја предвид неговата јавно дадена изјава по изборите, дека е решен да остане до крај во првите редови во битката против оваа власт, убеден сум дека ако му биде дадена таква понуда, тој ќе ја прифати.“

Кратко по објавувањето на интервјуто на Црвенковски, Заев во изјава за Плусинфо вели дека тој на оваа тема веќе разговарал со Пендаровски кој му кажал дека разговарал со Црвенковски, но дека одбил.

„Денеска, после објавеното интервју на Црвенковски веднаш го повикав Пендаровски да го прашам дали има промена во неговиот став и дали размислувањата на Црвенковски се темелат на некави сознанија добиени од него. Стево уште еднаш, јасно и недвосмислено ми потврди дека воопшто не размислува за некаков партиски ангажман, а најмалку пак за функцијата претседател на СДСМ. И денеска повтори дека целосно останува заедно со партиското раководство да ја води битката против оваа власт. Ме информираше дека Црвенковски разговарал со него, но дека и нему му го пренесол истиот овој став уште во текот на вчерашниот ден. Зошто Црвенковски денеска изјавува дека воопшто не разговарал со Пендаровски, треба да и објасни на македонската јавност. Верувам дека Стево Пендаровски ваквиот негов став и лично ќе и го соопшти на јавноста“, вели Заев во изјавата за Плусинфо.

Коментар за изјавите на Црвенковски и Заев беше побаран и од Пендаровски, кој пак, тврди дека не разговарал ниту со Заев, ниту со Црвенковски за негов иден политички ангажман.

„Во врска со изјавата на Зоран Заев од попладнево сакам да изјавам дека во изминативе неколку денови не сум имал средба ниту со Заев ниту со Црвенковски, во врска со мој иден политички ангажман“, изјави Стево Пендаровски за НОВА.

По оваа низа изјави дали се разговарало и договорало кој ќе биде иден лидер на СДСМ може да се заклучи дека во случајов некој лаже и дека Црвенковски, Заев и Пендаровски се сплеткаа во сопствените лаги и манипулации.
Социјалдемократите со ова уште еднаш покажаа дека не се откажале од водење политика со помош на лаги, манипулации и меѓусебни местенки.