Харадинај: Ако Брисел и САД не ги решат проблемите меѓу Приштина и Белград, ќе мораме сами

Брисел очигледно не може да ги реши проблемите меѓу Приштина и Белград, а ако тоа не му успее ниту на Вашингтон, ние ќе мораме сами „да ја одработиме нашата работа“, изјави синоќа поранешниот косовски премиер и лидер на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај.

– Брисел мора да реши и да каже дали може да ги заврши работите меѓу Косово и Србија, изјави Харадинај, кој неодамна беше ослободен од француски суд од барањето на Србија за негова екстрадиција под обвиненија за воени злосторства.

Харадинај, како што јави Танјуг, изјави дека е уверен оти Брисел не може да ги реши проблемите, па затоа побара „Вашингтон да се врати на Балканот“.

– Вашингтон е добар во завршување на работите меѓу Косово и Србија. Но, ако тие не дојдат да ни помогнат, тогаш едноставно не би требале повеќе да чекаме, туку сами да ги одработиме нашите работи. Немаме луксуз да чекаме уште многу време, порача Харадинај на предизборен собир на неговата партија во Подуево.

На ваквите изјави реагираше српскиот министер за труд и социјална политика Александар Вулин, кој изјави дека очекува ЕУ и САД остро да ги осудат „повиците на Рамуш Харадинај на војна“.

– Србија е чувар на мирот на Балканот и прави се за да не дојде до судири, порача Вулин.

Според Вулин, доколку Харадинај сака да предизвика војна овој пат ќе мора да ја води сам „без целиот свет зад него“.