Харадинај именуван за косовски премиер

Поранешниот командант на бунтовничката Ослободителна војска на Косово (ОВК – УЧК), Рамуш Харадинај, во четвртокот неговиот соборец претседателот Хашим Тачи го именуваше за премиер на Косово, објави на социјалната мрежа Facebook.

Ова именување треба сега да го потврди косовскиот парламент, но Рамуш Харадинај веќе има мнозинство по придружувањето на една од малите партии на коалицијата којашто освои најмногу мандати на последните избори. Со тоа е затворена тримесечната политичка блокада, откако парламентарните избори на 11-ти јуни не дадоа јасно мнозинство.

Освен катастрофалната економска ситуација на Косово, главна задача на новата влада ќе биде покренувањето на дијалогот со Србија, кој со месеци е на мртва точка. Србија одбива да ја признае независност на својата поранешна јужна покраина Косово и Метохија, којашто се отцепи по воената интервенција на НАТО по судирот во 1998/1999 година а со поддршка на САД и главните земји на ЕУ еднострано прогласи независност во 2008 година. Косово досега е признаено од 110 земји, но не и од некои членки на Европската унија.

Рамуш Харадинај беше кандидат на ткн воената коалиција на партиите предводени од поранешните команданти на ОВК. Таа водеше на парламентарните избори, но немаше апсолутно мнозинство и имаше блага предност пред опозицијата, составена од движењето на националистичката левица Самоопределување и коалицијата на либералната десница. За да го добие мнозинството на Харадинај му беше потребна поддршка од малата партија на контроверзниот бизнисмен Беџет Пацоли и од пратениците на српското малцинство.

Харадинај се враќа на функцијата којашто накусо ја извршуваше во 2004 и 200 година. Тогаш мораше да поднесе оставка откако Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија го обвини за воени злосторства во текот на судирите со српските сили на Косово во кои загинаа 13.000 луѓе.

Против Рамуш Харадинај Меѓународниот суд за воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија во Хаг водеше процес за воени злосторства сторени во судирот 1998/1999 година, беше ослободен во 2008 откако му беше судено по 37 обвинувања и потоа повторно ослободен на апелациониот суд во 2012 година.

Харадинај во декември 2004 година беше избран за премиер на Косово, но по сто дена мораше да поднесе оставка за да одговара пред Хашкиот трибунал.

Српските власти сакаат да му судат на Харадинај и издадоа меѓународен налог за апсење врз основ на кој накусо беше уапсен во јуни 2015 година кога минуваше низ Словенија. Го обвинуваат дека во текот на судирите со српските сили неговата единица „Црни орли“ го контролирале пограничниот регион со Албанија, која според Белград измачувала и егзекутирала повеќе десетици српски цивили чиишто тела се најдени во близина на езерото Радоњич, во областа Дечани, во северниот дел на поранешната јужна српска покраина.

Србија еден од поранешните команданти ОВК, го бара поради сомневање дека во 1998 и во 1999 година извршил воени злосторства врз цивили кои не биле опфатени со обвинението на Хашкиот трибунал по кое Харадинај е правосилно ослободен.

Станува збор за воени злосторства против цивили во ткн. зона на одговорност Дукаѓини во 1998 и 1999-та во областа на Дечани во 1998 година, а сообвинети беа Идриз Баљај и Љах Браимај. Обвинителите на Трибуналот бараа казна од најмалку 20 години затвор, а на крајот од првото судење Харадинај и Баљај во 2008 година беа ослободени од вината, а Браимај беше осуден на шест години затвор.

Повторното судење на Харадинај и сообвинетите започна во август 2005 година, а по една година беа ослободени од вината, и Харадинај и двата негови соработници од ОВК. Во текот на овој судски процес неколку сведоци беа убиени или настрадале во неразјаснети несреќи на Косово или во странство.

Српското обвинителство против Харадинај поднесе 108 кривични пријави, во кои е осомничен за тероризам, здружување поради непријателска дејност и убивање цивили.

Харадинај на почетокот од годинава четири месеци беше притворен во Франција поради српското барање за екстрадиција и меѓународниот налог за апсење од 2004 година. Таа епизода ја покрена неговата политичка кариера. Тој е решителен противник на отстапки кон Белград, Харадинај мора да најде заеднички јазик со претседателот Хашим Тачи и со својата партија ПДК.