Харт резерва, Валдез прв голман на Манчестер Сити

Ако им се верува и на англиските, но и на шпанските фудбалски медиуми, тогаш првиот голман на каталонскиот гигант Барселона, Виктор Валдез, на стартот од летниот преоден рок и официјално ќе биде претставен како најнова аквизиција на најбогатиот клуб во Премиер лигата, Манчестер Сити.

Репрезентативецот на Шпанија сигурно ќе си замине од “Ноу Камп” на крајот од актуелната сезона, а во изминатиот период најголем интерес за неговите услуги покажа сопственикот на францускиот прволигаш Монако, милијардерот од Русија, Димитри Риболовлев.

Сепак, фудбалските медиуми во Шпанија и Англија се убедени дека челниците на Манчестер Сити постигнале договор со агентот на Валдез и дека искусниот голман за неколку недели ќе го потпише понудениот 4-годишен договор, кој му гарантира годишна заработувачка од 6 мил. евра.