ХДЗ собра доволно потписи за да добие мандат за составување влада

Лидерот на партијата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ најверојатно ќе добие мандат за составување нова влада, откако беше постигната спогодба меѓу ХДЗ и „Мост“ за составување на коалициски кабинет.

Се очекува на консултациите со претседателката Колинда Грабар Китаровиќ, закажани за в понеделник, Пленковиќ да ги достави 90 -те потписи на пратениците за поддршка на коалицијата наместо неопходните 76, што според хрватските медиуми е рекорд, бидејќи ниту еден друг кандидат за премиер досега не собрал толку многу гласови.

По три недели преговори двете партии постигнаа компромисно решение за ротациско претседателство на Парламентот, а партијата „Мост“ се согласи да отстапи едно од министерствата, кое го контролираше во претходниот кабинет.

Според постигнатата спогодба две години претседател на Парламентот ќе биде лидерот на „Мост“, Божо Петров, а следните две години Гордан Јандроковиќ од ХДЗ. Помалиот коалициски партнер ќе добие и една вицепремиерска функција, како и министерствата за внатрешни работи, за правда и за заштита на животната средина, кое ќе се спои со Министерството за енергетика.

Останатите три вицепремиерски позиции ќе ги задржи ХДЗ, а ќе го добие и Министерството за економија, кое досега беше на „Мост“, кое сега ќе се спои со Министерството за наука и претприемништво.

Во новиот кабинет нема да има заменици-министри, ниту државни секретари.

Подоцна денеска се очекува заедничка изјава на коалициските партнери.