Хејгел демантира дека поднел оставка поради несогласувањата со Обама

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел вчера ги отфрли тврдењата дека поднел оставка поради „големи несогласувања“ со американскиот претседател Барак Обама, пренесе МИА.

Хејгел, кој првпат и се обрати на јавноста по оставката, која ја поднесе на 24 ноември, истакна дека одлучил да се повлече од функцијата, откако по неколку разговори со Обама дошол до заклучок дека е најповолен момент за смена на раководството на Пентагон.

– Тоа беше една заедничка одлука, заснована на нашиот разговор, рече Хејгел, кој нагласи дека на таа средба не присустувале помошниците на претседателот.

Тој изјави дека сепак имало мали разлики во ставовите меѓу него и Обама како на пример во однос на стилот, брзината на дејствување и одредени чекори кои се преземаат, но напомена дека Обама го смета за пријател и оти тие немале големи несогласувања за важни прашања.

Според некои американски медиуми Хејгел бил разрешен поради неговите несогласувања и разочараност од стратегијата на Владата во Сирија и Ирак, иако и поради тоа што чувствувал дека нема влијание.