Хеликоптер на ЕУЛЕКС се урна во Приштина, еден повреден

Хеликоптер на ЕУЛЕКС се урнал денес во близина на аеродромот Слатина во Приштина, а како што изјавила портпаролката на аеродромот Валентина Гара, повредена е една личност.

Ројтерс ја пренесува изјавата на неименуван претставник на НАТО дека има неколку повредени. „Еден хеликоптер на ЕУЛЕКС се урнал на приштинскиот аеродром… Има неколку повредени и ние ја проверуваме ситуацијата“, изјавил за Ројтерс портпаролот на НАТО.

Портпаролката на аеродромот во Приштина, Валентина Гара, потврдила дека денес се урнал хеликоптер на ЕУЛЕКС кој бил на тренинг лет и дека една личност е повредена.

„Хеликоптерот кој беше на тренинг лет се урна на пистата од аеродромот и едно лице е повредено и одведено во болница, додека другите личности кои биле во екипата не се повредени“, рекла таа.

Гара додала дека аеродромот во Приштина моментално е затворен и дека ќе биде отворен веднаш откако ќе стане оперативен.

И во претходно соопштување на аеродромот кој денес го носи името Адем Јашари, се потврдува дека дошло до пад на хеликоптер.

„Околу 15 часот дојде до несреќа на хеликоптер на ЕУЛЕКС на писта на аеродромот, за време на вежба. Во несреќата е повреден еден член на екипажот и тој е одведен во болница“, стои во соопштението на аеродромот.

Портпаролката на ЕУЛЕКС, Драгана Соломон, потврдила дека порано денеска на приштинскиот аеродром дошло до инцидент, но не можела да изнесе повеќе детали.

„Можам да потврдам дека имало инцидент, но ништо повеќе од тоа затоа што чекаме информации“, рекла таа во телефонската изјава за Танјуг, пишува српски Блиц.

Истрагата е во тек, а деталите ќе бидат објавени откако таа ќе биде завршена, се наведува во соопштението на приштинскиот аеродром.