Хеликоптерот веројатно удрил во предавател

Во градот се слушна силен татнеж, а кон небото се издигна чад, раскажува очевидец на несреќата во која што полициски хеликоптер се урна вечерва околу 22 часот во близина на Струмица во атарот на селото Добрејци.

Според очевидци, како што објави Телма, хеликоптерот доаѓал од правецот на Ново Село кон Струмица. На периферијата од градот леталото најверојатно удрило врз висок предавател по што се урнало. Остатоци од хеликоптерот се расфрлани во дијаметар од над 50 метри. Опашот од леталото е цел, но кабината е целосно уништена и изгорена. Огнот е изгаснат, на местото на несреќата се наоѓаат бројни полициски, пожарникарски и медицински екипи.

Увидот на местото на несреќата е во тек. Според неофицијалните информации, во несреќата загинати се четири лица.