Хелшински најави кривични за смртта на Тамара

Хелсиншкиот комитет најави кривични пријави против директорката и членовите на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, доколку не преземат одговорност за смртта на Тамара Димовска, која неполна година чекала позитивен одговор од Фондот за да се лекува во странство, поради тежок деформитет на рбетот.

Доколку постои согласност од страна на родителите,  ќе биде поднесен и предлог за кривично гонење против одговорни лица во Министерството за здравство.

Во соопштението на Хелсиншкиот комитет се посочува дека Тамара е директна жртва на неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на Фондот за здравствено осигурување.

„Целокупната јавност месеци наназад беше известувана преку медиумите за случајот со цел да се предизвика ефективна реакција од страна на Фондот за здравствено осигурување, со оглед дека медицинските наоди покажуваа сериозно влошување на нејзината здравстевна состојба, која може да доведе и до смртни последици, доколку не се делува оперативно. Хелсиншкиот комитет постапувајќи во случајот достави барање за информации до Фондот за здравствено осигурување и инсистираше на образложение за причините поради кои се игнорира конзилијарното мислење на ЈЗУ – Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар во Скопје во кое беше констатирано дека не постои можност да се спроведе соодветно лекување во нашите здравствени установи, а заради тежината на деформитетот и специфичната тежина на предложениот оперативен зафат и притоа се донесе негативно решение за лекување на Тамара во странство. Од документацијата која беше доставена до Хелсиншкиот комитет можеше да се утврди дека Фондот за здравствено осигурување се обратил и до специјалните болници по хируршки болести во државава, но ниту една од нив не се нафатила да го изврши оперативниот зафат“, се вели во соопштението на Хелшински комитет.