Хeрoите треба да се слават, а не да се понижуваат за дневна политика – сите споменици кои ќе ги срушат ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгради повторно

Во третиот дел од интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, можете да прочитате за рушењето на спомениците, за улогата на Андон Ќосето, како и со идејата на СДСМ да се намали големината на споменикот на Мајка Тереза.

Во овој дел Груевски зборува и за барањето за предвремени парламентарни избори, како и за судските процеси кои го очекуваат. За ова и многу повеќе прочитајте во вториот дел од продолжението на интервјото дадено за „Република“.

*Се најави скорешно рушење или преместување на споменици, затворање на Музејот на македонската борба, преименувања на аеродроми и слични чекори. Кој е Вашиот коментар на тоа?

ГРУЕВСКИ: Губење многу време, многу енергија и многу пари. Плус нова и огромна доза на конфликтност во општеството. Мислат дека политички ќе добијат, а не се свесни колку ќе загубат.

Треба да знаат дека се што ќе срушат, разместат, затворат или преименуваат, ВМРО-ДПМНЕ по враќањето на власт ќе го врати во првобитна состојба. Само ќе ги трошат парите на народот за да си прават краткорочни политички поени пред нивните најзабегани гласачи и да демонстрираат сила. И ќе внесат нова омраза, конфликтност и поделеност.

А, зарем можете да замислите дека некој споменик ќе се тргне и никогаш нема да се врати? На што би личела ВМРО-ДПМНЕ кога ќе се врати на власт, да не ја исправи таа неправда направена затоа што некој сакал да лечи хирови, или да удоволи на некоја соседна држава.

Не заради некој инает или слично, туку заради нашата историја, државност, заради огромниот број патриоти во Македонија кои си ја сакаат земјата и ја почитуваат нејзината историја и жртвите за денешната слобода. Едноставно, враќањето на спомениците ќе биде аманет на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа на сите до еден. Еден долг кон нашите претци, но и еден одговор кон секој кој верува дека еднаш засекогаш може да се скрши кичмата на Mакедонците.

Има и една добра работа во сета оваа луда атмосфера. Тие споменици, музеи, аеродроми и.т.н. кои ќе бидат срушени, разместени, затворени, преименувани, ќе добијат една своја пославна историја. Знаете, да постои споменик, кој подоцна друг го руши, тоа само по себе е историја и приказна која на споменикот и ликот на него му дава епски димензии за во иднина. Го прави многу пославен и позначаен од тоа што реално е. А сите се тие славни.  А пак уште кога ќе биде вратен, е тоа ќе се ликови кои ќе се паметат и ќе се зборува за тие споменици и нивната историја во наредните 100 години. Ќе добијат на значење, на тежина, на важност. Споменици со сопствена историја, не само на ликот на кој се наменети, туку и на објектот кој се рушел, враќал…. Ставани, тргани, разместувани, зошто, како, кој, кога….цела историја. Непотребна од аспект на чекорите на оваа марионетска власт, но нужна и неизбежна.

Евентуално може, кога ќе се враќаат од други градови разместените споменици, но само доколку жителите на тие градови и општини сакаат, да се направи по уште една копија за нив, а оргиналот да се врати во Скопје на истото место. Бидејќи тоа се историски ликови кои заслужуваат да се во центарот на македонскат метропола, за да ги гледаат сите, и ние и туристите.

Запомнете една работа: се додека во една земја се слават хероите, таа земја ќе раѓа нови херои. И обратно.

*Се согласувате ли со идејата споменикот на Мајка Тереза да се намали, и поедностави, заради скромноста на нејзината личност, како што беше објаснето од СДСМ?

ГРУЕВСКИ: Мајка Тереза е најпознатата личност во светот која е родена во нашиот денес главен град и на територијата на нашата земја. И не е случајно славна. Таа веќе е и светец. Таа е личност која само обединува. Албанка, скопјанка, христијанка, хумана до бескрај, нобеловка, светица.

Точно е дека била екстремно скромна, но нејзиното дело за човештвото, за спасените животи, исчуваните деца, негуваните болни, жртвувањето на сопствената младост и живот за да им помогне на најсиромашните меѓу сиромашните и најболните меѓу болните, оние од кои сите бегале, испратените пораки од неа,…сето тоа, воопшто не е скромно. Нејзиното дело не е скромно. А со споменичната композиција се слави и овековечува не само ликот, туку и делото пред се. Тоа дело е толку големо и грандиозно, што тој лик, треба да се слави, воспева и прераскажува, за животот на Св.Мајка Тереза да стане пример за сите наредни генерации, барем мал дел од нејзината големина да присвојат во своето однесување што повеќе луѓе. Што повеќе луѓе да станат подобри луѓе.

Патем речено склуптури со големина од 4 или најмногу 5 метри, воопшто не се нешто мегаломанско. Таа големина на фигури е на најголем дел од спомениците низ Скопје.

Да ја гледаат и да пршуваат за неа. Да слушаат за нејзиното дело, да не можат да не ја забележат или заобиколат. Да стои пред сите нас и да не потсетува. Токму затоа сметам дека еднократниот трошок за таа споменична композиција е ништо во однос на ефектите кои стотици години ќе ги има заради неизбежното потсетување на неа, нејзиното дело, нејзиниот живот, посветеност, хуманост, верба, љубов, безусловно помагање и саможртва од светски размери.

И кога зборувам за инвестицијата како инвестиција, таа сама по себе ќе се врати од нејзиното влијанието врз туризмот, затоа што Мајка Тереза не е позната само на Балканот и во Индија, иако тоа е помалку важно. Мајка Тереза е симбол на се ова за што зборував кај милиони Американци, милиони Европејци, Азијци и Африканци, Австралијци. Својата почит, освен кај христијаните, таа ја има кај сите религии, вклучувајки ги и муслиманите, будистите, и сите други, бидејки им помагала на сите луѓе од сите религии и не ги делела или селектирала. И во сите религии нејзините вредности кои ги покажала на дело, се на врвот на вредностите во сите религиите. А ние, замислете, се мислиме дали на веќе речиси завшена споменична композиција да рушиме и кратиме. Дебата која нема логика. Нема логика ни од правен аспект. Договорот е потпишан на база на објавен тендер.

Колку што знам сите фигури се завршени од склупторите и се во завршна фаза на обработка во мермерница.

Па, погледнете, речиси сите кои доаѓаат од надвор се воодушевуваат и честитаат на изгледот на центарот на Скопје, а СДСМ дебатира за негово рушење заради чисти политичко партиски мотиви. Обичните туристи, не можат да го сфатат тоа. Тие зачудено гледаат кога им се раскажува дека дојде нова власт која сака да руши и разместува дел од создаденото.

*Слична најава има и за споменикот на Андон Јанев Ќосето…

ГРУЕВСКИ: Да, со една необмислена аргументација дека тој бил убиец. Андон Јанев Ќосето бил револуционер и војвода, претходно бил човек од најголема доверба на Гоце Делчев, Даме Груев и др. Христо Татарчев. Сите тие, сите војводи, комити, и нивни раководители воделе револуционерна, а не литературна борба, бидејќи слободата не можела да се добие без револуционерна борба. Револуционерната борба бара жртви, човечки загуби, ликвидации, и така било и во времето на ВМРО и во НОБ.

Замислете сега некој да каже дека Наум Наумовски – Борче бил убиец. Или било кој друг партизан кој се борел за осободување на Македонија по револуционерна борба. Или сите ликови на споменикот на АСНОМ. Апсурд. Ако Ќосето бил убиец, тогаш што биле Гоце и Даме? Нарачатели и наредбодавци на убиецот? Сите се бореле за слободата на Македонија по револуционерен пат со кама и револвер и со заклетва пред библијата. Организацијата била политичка, целта слобода и независност, борбата револуционерна.

Тоа треба да се слави а не да се понижува заради дневна политика. Сите тие ризикувале, а дел од нив и се загинале за слободата на Македонија и нашата слобода денес. Во која револуционерна борба за слобода немало убивања и крвопролевања? Во српската? Во грчката, во бугарската, албанската, руската кога им дошле до Москва и Ленинград? Полска? Франција кога била освоена од фашистите? Во која? Нема такви. Никому слободата и државата не му биле поклонети без борба и изгубени животи.

Јас би им порачал нешто на СДСМ и Заев: а да изградевте прво нешто пред да почнете да рушите?!!!

*Имало готов елаборат и за Воинот на коњ…

ГРУЕВСКИ: Да. Нема елаборат за нова фабрика која би вработила 2000 луѓе без работа или барем 500 невработени. Нема елаборат со кој лекарите ќе добијат 100 илјади денари плата како што ветија на изборите пред една година. Нема елаборат ни за 500 евра просечна плата, ни за повисоки пензии или субвенции, ама веќе има елаборат за рушење на споменици.
Нема да помине долго време од кога ќе добијат еден елаборат од народот од кој нема да знаат каде да се свртат. Се ќе се врати на свое место.

*Да се вратиме на изборите. Баравте предвремени избори? Како мислите да ги добиете ако сега вака загубивте на локалните избори, независно колку биле регуларни?

ГРУЕВСКИ: Побаравме предверемени, но со минимум услови какви што имаше СДСМ во декември, кои ги кажавме во седумте точки. Голем дел од тие услови веќе се преточени во законите, после Пржино, но важат само за парламентарни избори, а не и за локални или претседателски.

Под такви услови, јас сум сигурен дека ќе победиме.

*Ве очекуваат многу судски процеси. Како ќе се справувате со тоа?                               

ГРУЕВСКИ: Обвиненијата во најголем дел се фабрикувани. Процесите се политички. Ако не беа политички, ќе беа веднаш отфрлени од судот и немаше да има процеси. Всушност немаше ни да дојдат до судот да не беше оваа голема политичка игра. Под притисок на марионестката власт судот прифати креираните матерјали, наречени снимки, да станат докази. Иако и самите судии добро знаат дека тоа е спротивно на законот во Македонија, и речиси секаде во светот, подлегнаа на притисоците. Со тоа, се сруши правниот систем во Македонија. Се погази. Сега секоја нелегално направена снимка или слично може да е некаков доказ, што е апсурд во секој правен систем, и од тоа во иднина допрва ќе се раѓаат проблеми. Никакви реформи во правосудниот систем нема да ја подобрат состојбата додека судиите одлучуваат спротивно на закон заради надворешен притисок. Тие, судиите, во нивната околина отворено зборуваат дека се свесни дека таа одлука е незаконска, но дека под притисок донеле таква одлука, исплашени дека ќе бидат разрешени, медиумски линчувани од провладините медиуми и платени експерти и аналитичари, а можеби и ставени на обвинителна клупа. Тоа е реалната атмосфера во македонското судство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.