Македонија

Херои: Келнерка и случаен минувач спасиле живот на гостин во скопско кафуле

Херои: Келнерка и случаен минувач спасиле живот на гостин во скопско кафуле

Обичното попладневно кафе за малку ќе станеше трагедија да не беше хуманоста, присебноста и молскавичната реакција на вработените во Ирскиот паб во скопскиот ГТЦ и на случајни минувачи кои вчера за влакно му го спасија животот на човек кој за малку ќе го голтнеше јазикот, пишува весникот Вечер.

За среќа, кога му се слошило, човекот не бил сам и првиот кој забележал дека нешто не е во ред бил неговиот брат со кој заедно седеле на маса. Тој викнал за помош и веднаш притрчале вработените во скопското кафуле.

Прва стрчала вработената која го видела целиот призор.

„Слушнав машки глас како панично викна “помош” и веднаш знаев дека нешто не е добро, се стрчав и што да видам, човекот паднат на земја помодрен и се гуши. Почна да ме фаќа паника, но успеав да останам при себе, дојдов над него и го свртевме на страна. Моите колеги веднаш се јавија на брза помош, а јас силно викав кон другите што беа тука за да му помогнеме дека ако не реагираме готово е. Така свртен, го фатив за вилица, видов дека му е укочена, му ставивме раце во уста за да не го голтне јазикот, почнавме да му ги масираме екстремитетите за циркулација и постојано му зборевме да не се плаши, дека сме со него. Многу се испашив , ама за среќа успеавме да помогнеме колку можеме додека дојде брза помош“, изјави за Вечер девојката која работи во кафулето.

Екипата на “Вечер” се нашла на местото на настанот во моментот кога од кафулето истрча девојката и во паника праша дали на улицата случајно има некое медицинско лице. Во меѓувреме, кога влеговме во кафулето, додека братот и вработените му помагаа на човекот кој лежеше на земја во мака, случаен минувач ја примети ситуацијата и веднаш дојде на помош. Скопјанецот реагираше мошне брзо и зачудувачки присебно му ги стави рацете во уста и со лажица го спречуваше да го голтне јазикот.

Телефоните на брзата помош и понатаму ѕвонеа, а од таму ни рекоа дека возилото веќе е на пат од Карпош и ни објаснија што да направиме за да му помогнеме.

„Мене ова не ми се случува првпат, досега неколкупати сум се нашол во ваква ситуација, еднаш се сеќавам на одмор му помогнавме на еден човек. Многу опасна работа, среќа не беше сам и имаше кој да му помогне“, рече скопјанецот кој навистина ја покажа својата храброст и човечност на дело.

Брзата помош пристигна релативно брзо, за околу 15 минути, и лицето беше пренесено на натамошен третман во најблиската болница.