Хибернација

СДСМ загуби и на овие избори, што беше очекувано. Не знам зошто некој се чуди на тоа. Дилемата беше дали ВМРО ќе ја помине бројката од 62 пратеници. Етничките, како што се знаеше, отидоа претежно кај ДУИ. Лично, очекував повеќе кај ДПА, но Тачи инатот го истера. Најсилната база на ДПА Зијад Села во Струга, ја загуби токму пред изборите и се потоа е логична последица на претходно сторените причини. Како и кај СДСМ.

Не сакам да учествувам во постизборните спинови. Да тврдам како членството уште вечерта барало оставка од Заев или дека Заев го згазил Црвенковски… Затоа што не е така, а јас со ова име и презиме и со овој авторитет имам обврска на свое мислење, а не да следам спинови кои друг ги наметнува. Значи, како навистина стојат работите.

ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеничко место, што е помалку отколку на изборите во 2008 година, кога без пратениците од дијаспората имаа 63 пратеници во Парламентот. Зошто е тоа така? ВМРО-ДПМНЕ од 2008 до 2014 година направи многу, што, очигледно, е предмет на задоволство за граѓаните. Иако, во меѓувреме, се случија три години на светска економска криза. Затоа и успеа да освои нешто повеќе гласови отколку на тие избори, во 2008 година, што е веќе стабилно гласачко тело од околу 450-500.000 гласови, кои се повторуваат на избори со години наназад. Со нешто повеќе гласови освои помалку пратеници, што значи дека во целост ги искористиле своите капацитети. Дека ја контролираат базата и имаат систем на задржување на вниманието и поддршката.

Кај СДСМ не е така. Во остатокот од гласовите тие не изградија свое место.
Во споменатата 2008 година СДСМ освои 233.000, а сега 283.000. Тоа е напредок од околу 50.000 гласови од времето кога ВМРО-ДПМНЕ имаше 63 пратеници, а сега има 58, плус три од дијаспората, вкупно 61 пратеник. Нема напредок за промена на силите.
ВМРО-ДПМНЕ победи, пред се, затоа што имале аргументи и резултати за тој краен епилог. Приказните за моќта на медиумите, како клуч на победата, иако ми годат – не се точни. Медиумите имаат влијание, понекогаш и до 10 проценти на резултатот, но разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е повеќе од триесет проценти. Најпосле, во 2006 година СДСМ и Бучковски ги имаа под контрола апсолутно сите невладини организации и медиуми, освен ВЕЧЕР и Сител… па убедливо загубија од ВМРО и Груевски.

Забелешката дека Шеќеринска е рак-рана на секоја политика и изборен процес на СДСМ, и најслаба точка во понудата, добива и математички докази. Не се само емоции.
Точна е забелешката на Заев и СДСМ дека на овие избори тие имале подредена улога и третман од медиумите. Дека делумно биле игнорирани. Да, делумно беа.

За тоа има и објективни и субјективни причини.
Објективните се што СДСМ функционира како селска задруга. Сите нешто трчаат, шефуваат, ама никој не менаџира. Сите сакаат да одлучуваат, ама никој да нема одговорност. Сите нешто мислат, ама никој не истражува, анализира и планира. Сите имаат нешто да кажат, ама им е незгодно да не бидат погрешно сфатени. На крај, како во задруга, ќе се запијат во кафана и ќе се самосожалуваат до сабајле.

Накусо, таму нема систем за внатрешна организација и односи со јавноста.
Ниту Црвенковски претходно, а за жал, ни Заев сега не воспоставија систем на внатрешна организација. И двајцата сакаат да одлучуваат персонално, се да биде по нивно и нивни луѓе без поговор и задршка да извршуваат… Тоа е систем на селска задруга. Во големи игри, како партии, политика и избори битно е колку е можно повеќе луѓе да се вклучат во процесот, да се чувствуваат дека е тоа и нивна акција, а не дека одработуваат за шефот. Како што е сега во СДСМ.

Пробајте, набројте барем пет лица кои, јавно и јасно, кај Црвенковски, а и сега кај Заев имаат јасна функција, јасно и јавно познати овластувања, одговорност и план. Нема.

Се некои полутани, ем потпретседатели се, ем не се баш тоа… Немаат овластувања ни изјава по свое да дадат, а да не им тегне уши шефот. Немаат храброст ниту една идеја за сиве овие години да изнесат како своја и персонална и потоа да ја застапуваат и туркаат и во јавноста и пред партијата. Чекаат некој да им каже што да мислат.

Така не се создава тим на одговорни луѓе со самодоверба и авторитет.
Видете го последниот случај: во недела навечер Заев излегува да каже дека СДСМ ги враќа мандатите и не ги признава изборите… а дури потоа за тоа решаваат во партијата. Тоа така не оди. Замислете, Груевски да се појави на телевизија, одненадеж, и да каже – од утре имаме ново име за меѓународна употреба… а после ќе тераме јавна расправа, референдум и ќе дигаме рака во Собранието. Држава ли е тоа…?

Значи, тука е првиот клуч на проблемот. Не е воопшто битно дали партијата ја води Црвенковски, Шеќеринска или Заев… ако системот е тој што е.

Во таков систем, задружен, резултатот ќе биде – тој што е.
Инаку, Црвенковски е тој што доби позициска победа со последните настани во СДСМ. За поткрепа и печат на победата, и закана до Заев и Шеќеринска, се јави и неговиот одбор за поддршка, кој бара оставка од Заев, но не мора да ја има ако го послуша Црвенковски. Ако не, на 11 мај ќе следи егзекуција. Значи, одлуката е кај Бранко.

Заев и Шеќеринска само послушно одработеа за да ги спасат своите функции, исплашени од внатрешното разочарување и можноста Црвенковски да ги урне. Идејата за бојкот на избори е на Црвенковски, уште лани пред локалните. За да им се додворат на дипломатите и да дојдат до шефовски функции преку ноќ, Шеќеринска и Заев го предадоа Бранко, го пуштија низ вода и излегоа на избори, кои убедливо ги загубија.

Сосема паметно, Црвенковски го прими тој тежок удар од внатре и со првите соработници се повлече во илегала. Ги остави да покажат што знаат, а се покажа дека знаат многу малку. Особено, многу помалку од него. Сега, по овој изборен пораз, ја прифатија неговата идеја да се вратат на старо – да бојкотираат институции, во случајов да ги нема во Собранието. И пак, Заев и Шеќеринска тоа го направија за спас на своите функции од гневот на Црвенковски и разочараните, а не затоа што знаат што после тоа.

Со оваа навика, да направат се за да останат на функција, и Заев и Шеќеринска се покажуваат како опасни решенија кога се државните предизвици во прашање.

Сега се тие заложници на своите амбиции во сопствената партија. Заев, без поддршката од Црвенковски, не е сигурен ни за своето градоначалничко место во иднина. Шеќеринска, по сите порази што ги доживеа и по сите порази кои ги предизвика на друг… е обична марионета која мора да слуша и да трпи за да не остане на улица.

Повлекувањето од Собранието е прилично лош потез за СДСМ. Да, за Црвенковски и неговите соработници е во ред. Заев и Шеќеринска направија листи за пратеници од кои ги исфрлија сите негови соработници, па сега работите си доаѓаат на свое: вие ги избркавте моите од Собрание, сега ќе ги нема и вашите… па сме квит. Никој не загубил.

Но, дали е така. СДСМ има мало влијание во медиумите. Собранието му е една од ретките големи прилики да објави и да спроведува своја политика. Плус, тука се и контактите на пратениците со амбасади, европски институции, медиуми и бизнис-заедницата. Сега сето тоа ќе го нема. А нема ни алтернатива, бидејќи улицата не е политика. Тоа е – улица.

Ако има делумни избори за слободните 34 места во Парламентот, верувам дека ВМРО нема да оди на нив по нови пратеници за себе, туку ќе остават тие места да ги земат други опозициони партии: Стевчо со ГРОМ, Бучковски, ДПА… Тоа ќе значи дека во идните години јавната сцена тие, а не СДСМ, ќе ја користат за своја промоција. А Стевчо Јакимовски, повеќе од другите, покажа виден талент и знаење за тоа.

Ако нешто по конгресот треба да преземе СДСМ, тоа е подобрување на односите со малите етнички заедници, медиумите, бизнисмените и со ГРОМ на Стевчо Јакимовски.
И сега, вториот клуч, немање медиуми за поддршка на политиката.

Ни Црвенковски, ни Заев со години не покажуваат грижа за односи со медиумите, уредниците и новинарите. Немаат средби и брифинзи, контакти и релации со нив. Со години тие само плукаат, тужат по судови, навредуваат… новинари, уредници и медиуми кои не им се по волја. Па, кој нормален би сакал да соработува со некој што му го прави тоа? Треба ли, после се што направија, да им дадам медиумски простор и поддршка на Шеќеринска и Шилегов…? Не можеш да држиш партиски митинг пред Сител и да ми се закануваш мене, на новинарите со кои работам и телевизијата за која работам… и потоа да ми префрлиш зошто сум бил остар кон тебе. Ние имаме право на свое мислење, а вие пробајте да влијаете на тоа, а не да употребувате сила за да мислиме како вашите општински шефови… Пријатели, вие не сте нормални ако го очекувате тоа, после се.

Ако мислите дека медиум нема право на избор, особено приватен медиум, да ве упатам на големиот Си-ен-ен. Во петокот неонацистите, кои се дел од власта во Киев поддржувана од САД, запалија 46 луѓе во Одеса… Си-ен-ен не го објави тоа.

Дали некој им протестираше во Атланта или им го оспори правото на избор?
Изборите завршија, почнуваме подготовка за наредните…

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер