Хидинк го напушти кормилото на Холандија

Селекторот на фудбалската репрезентација на Холандија, Гус Хидинк, го напушти кормилото на “лалињата”.

Како гром од ведро небо се појави информацијата дека 68-годишниот прекален стратег го отстапува местото селектор, и тоа по само девет месеци откако и официјално по вторпат почна да ја извршува оваа функција. Веста за повлекувањето на Гус Хидинк ја објави угледниот холандски “Телеграф”, кој наведува дека во наредните 48 часа информацијата ќе биде официјализирана од страна на ФС на Холандија.

Хидинк првиот натпревар на клупата на Холандија го обработи на 4 септември, во поразот од Италија на пријателски натпревар со 0:2. Веднаш потоа следеше и поразот од Чешка на стартот од квалификациите за ЕП 2016 со 1-:1, а набрзо и Исланд се покажа како посилен од неговиот тим. Во досегашниот тек од квалификациите, Холандија собра само 10 бода, односно три помалку од второпласираната Чешка и пет од лидерот Исланд.

Од моментот кога Хидинк ја презеде Холандија, неговиот тим забележа пет победи, едно реми и четири порази. Интересно, по триумфот над Летонија во квалификациите, искусниот стратег најави дека може да се повлече од селекторската функција.

Него го наследува Дани Блинд, неговиот доскорешен помошник, а како прв фаворит за постојан селектор се наведува Роналд Куман.