Хилари Клинтон има воспаление на белите дробови

Демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон има воспаление на белите дробови, соопштија нејзните лекари.

На Клинтон и се слошило додека присуствуваше на комеморацијата по повод 15 годишнината од терористичките напади во Њујорк, на 11 септември 2001 година.

Според изјавата на лекарите, болеста била откриена уште во петокот, но ситуцијата и се влошила во текот на комеморацијата, кога дошло до дехидрација.

Во изјава за Си-Ен-Ен лекарите рекле дека влошувањето на нејзината здравствена положба го предизвикале топлото време во Њујорк и големата влажност во воздухот.

Лекарскиот тим кој се грижи за нејзиното здравје, соопшти подоцна дека опоравувањето на Клинтон тече добро.

Изборниот штаб на републиканскиот кандидат веќе извесно време и префрла на Клинтон дека таа здравствено не е подготвена за напорите на претседателската кампања, како и за да може да биде претседател на САД.

Нејзиниот главен лекар меѓутоа, во интервју за една ТВ станица ги отфрли сите вакви обвинувања, објаснувајќи дека Клинтон е во одлична здравствена состојба и дека е сосема подготвена да биде претседател.

Штабот на Демократската партија за изборите, подоцна ги обвини Трамп и републиканците дека прават заговор околу здравјето на Клинтон.

Трамп во јуни наполни 70 години, додека Клинтон има 68 години. Во 2012 година врз неа беше извршена една помала хирушка интервенција, по што таа соема се има опоравено.

Од комеморацијата во Њујорк Клинтон заминала придржувајќи се за своите соработници, но подоцна таа изјавила за американските медиуми дека „се чувствува одлично“, како и дека по кусиот престој во станот кај ќерката, заминала дома.

Медиумите потсетуваат дека Џорџ Буш-таткото во една прилика, повратил во скутот на јапонскиот премиер, дека Џорџ Буш-синот за малку ке се задавеше јадејќи переци. Френклин Рузвелт има поминато 12 години во Белата куќа со сериозни здравствени проблеми, додека Џон Кенеди во текот на своите претседателски години постојано имал силни болки во грбот, пиејќи лекови против болките и седативи. Американските медиуми објаснуваат дека сите четворица имале здравствени проблеми додека биле во Белата куќа.

Клинтон на 26 септември мора да се соочи со Трамп во првата од трите претседателски тв дебати. Изборите ќе се одржат на 8 ноември.