Хирург ќе лежи една година затвор- виновен е за смртта на 10-годишниот Зекиров

Хирургот Петре Кодовски од Општата болница во Велес е осуден на една година затвор, бидејќи е утврдено дека тој е виновен за смртта на десетгодишниот Месерт Зекиров, кој почина на 31 мај 2010 година, пишува Утрински весник.

Пресудата во Основниот суд во Велес е донесена врз основа на вештачењето на стручните лица од Институтот за судска медицина и вештачење на судско-медицинскиот одбор, кои констатирале дека докторот не открил оти детето имало преплет на цревата туку го оперирал од слепо црево.

-Жалам за изгубениот млад живот, но не се чувствувам виновен. Имам оперирано повеќе од 5 илјади пациенти за овие 10 години работа и не се случил никаков проблем. Пациентот најсовесно го прегледав и немаше други симптоми за можна друга болест, по што пристапив на операцијата. Тврдам дека не излезе гнојна течност од стомачната шуплина на детето, која ќе сигнализира дека има нешто друго. Детето, додека бев на работа, до утрото немаше никаков проблем, немаше никаква реакција, изјави во своја одбрана докторот Кодовски, пренесува Утрински весник.

Тој беше осуден оти, поставил погрешна дијагноза дека здравствените проблеми на детето потекнуваат од воспаление на слепото црево, иако се работело за преплет на цревата, поради што во постоперативниот период дошло до влошување на здравствената состојба и детето починало два дена подоцна.

Според пресудата, докторот е должен да ги плати и трошоците за вештачењето и судска постапка, во вкупна вредност од 260 илјади денари.