Свет

Ходорковски замина за Германија

Ходорковски замина за Германија

Поранешниот руски олигарх Михаил Ходорковски, кој помина повеќе од 10 години во затвор по обвиненијата за кои тврди дека биле политички и кој беше помилуван денеска од претседателот Владимир Путин, отпатуваа за Германија каде што се лекува неговата мајка.

„При ослободувањето Ходорковски упатил лична молба да му бидат издадени документи за заминување за странство. По ослободувањето тој полета со авион за Германија, каде што се лекува мајка му“, соопштле од прес-службата на руската Федерална служба за издржувањето на казните, пренесе „РИА Новости“.

Претходно денеска прес-службата на Кремљ соопшти дека претседателот на Русија, Путин потпишал декрет за помилување на Ходорковски, што веднаш стапува на сила.

Вчера по годишната голема прес-конференција Владимир Путин, запрашан дали ќе го амнестира Михаил Ходорковски, неочекувано одговори дека од Ходорковски е поднесено барање за помилување , кое ќе биде прифатено.

„Тој издржа сериозна казна. Се повика на околностите од хуманитарен карактер, неговата мајка е болна. Сметам дека во предвид сите овие околности може да биде прифатена соодветната одлука и во најскоро време да биде потпишан декрет за помилување“, изјави вчера Путин.

Малку по неговото ослободување денес ќерката на Ходорковски, Анастасија, изјавила за новинарите дека нејзиниот татко е во добра физичка форма и добро здравје, пренесе „ИТАР-ТАСС“.

Франција прва го поздрави помилувањето на Ходорковски.