Хојт Ји: Со аболицијата се поткопува владеењето на правото

Хојт Ји: Со аболицијата се поткопува владеењето на правото
Хојт Ји: Со аболицијата се поткопува владеењето на правото

Со одлуката за аболиција од 12 април донесена од претседателот на државата се поткопува владеењето на правото и принципот на одговорност. Оваа аболиција не само што му нанесе штета на владеењето на правото во Македонија, туку и на кредибилноста на Македонија како земја која се определила да се интегрира во евроатлантските институции. Многу е важно лидерите итно да делуваат за да се поправи штетата предизвикана од оваа аболиција и тоа да го направат на јасен, целосен и недвосмислен начин и што е можно поитно.

Ова го изјави заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот Хојт Брајан Ји по дводневните средби и разговори со политичките лидери во државата, за време на посетата посветена за изнаоѓање решение за излез на земјата од политичката криза, објави МИА.

Тој нагласи дека сите негови средби и разговори вчера и денеска биле за одлуката за аболиција од 12 април.

– Доколку лидерите ја отповикаат аболицијата делумно или на селективен начин тоа ќе придонесе за зголемување  на чувството за неказнивост во земјава и за недостиг на одговорност. Одговорноста подразбира и тоа лидерите на партиите да дадат целосна поддршка на институциите во земјата одговорни за владеење на правото, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство. Се додека постои одговорност во однос на тврдењата за незаконски дејствија поврзани со материјалите од прислушувањето, како и за други кривични дела, Македонија ќе остане заглавена во оваа криза и нема да биде во можност да постигне напредок кон нејзините најважни цели што подразбира напредок во однос на евроатлантските интеграции, подвлече американскиот дипломат.

Веруваме дека Владата преку своите активности, како што посочи, мора да покаже посветеност за робусна и плуралистична демократија и имплементација на реформите на кои се обврзаа политичките партии со договорот од Пржино. Тоа значи вклучување на опозицијата и на ставовите на граѓанското општество. Оваа инклузивност, вели Ји, ќе биде клучна за воспоставување на системот на контрола и рамнотежа во однос на моќта на Владата што на Македонија и е потребно за да оди напред.

– Со цел да биде здрава демократија и да се врати на евроатлантскиот пат Македонија мора да ја обнови посветеноста на начелата на плуралната демократија, владеење на правото, почитување на концептот на контрола и рамнотежа и транспарентност со што нема да се повторува старата пракса. Со години САД се силни и веродостојни партнери на Македонија. Затоа ги повикуваме сега македонските лидери да ги преземат активностите што ги спомнав погоре, да ги спроведат реформите согласно договорот од Пржино, да ги зајакнат институциите и да изградат инклузивна, одговорна влада. Доколку лидерите на земјата го направат тоа, САД ќе продолжат да даваат поддршка на нивните напори и да бидат силен партнер, порача американскиот дипломат.

Запрашан за враќањето на Владата во стариот состав по усвојувањето на оставките на министрите од опозицијата, Ји рече дека е на луѓето и на избраните лидери да одлучат за формата и составот на Владата, но она што го споделиле со политичките лидери во земјата е силната желба да видат имплементација на реформите на кои партиите се обврзаа со договорот од Пржино. Реформите вели, ќе ја изнесат земјата од кризата во која се наоѓа повеќе од една година и ќе се овозможи да се фокусираме на евроатлантската интеграција, на економијата, на нови работни места и на градење силни институции со што земјата ќе може да фати чекор со регионот.

– Со моите посети на регионот можев да забележам дека  е постигнат значаен напредок во другите земји во регионот ваши соседи, за разлика од Македонија која заостанува поради оваа криза, поради недостигот на реформите. Многу е важно која и да е влада што ќе се формира и кои и да се министри да се именуваат во неа да не се повторува досегашната пракса и да постои нова посветеност за одговорност, нова енергија и чувство за спроведување на итните реформи, рече Ји.

На новинарско прашање за Специјалното јавно обвинителство, американскиот дипломат рече дека „она што сакаме да го видиме од СЈО и од сите институции задолжени за владеење на правото е да имаат слобода да ја работат нивната работа без влијание од политички партии или други институции, дека располагаат со неопходните ресурси со цел да ја вршат својата работа“. – Ако тоа се овозможи веруваме дека ќе се постигне напредок во владеењето на правото и на демократијата во Македонија, вели Ји.

За тоа дали договорот од Пржино е се уште жив со оглед на последните случувања во однос на Владата, Ји повтори дека ги поддржуваат аспирациите на земјата за постигнување напредок во однос на евроатлантските интеграции. Тоа значи дека мора да има владеење на правото, одговорност и влада која ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе ги исполни обврските кон меѓународната заедница, односно кон договорот од Пржино.

– Без оглед на составот на владата или нејзиниот формат, ние бараме акттивност, а не зборови, дела, а не ветувања. Сакаме да видиме прогрес во однос на обврските преземени од Пржино и други договори со цел да се осигураме дека земјата може да ги постигне потребните услови не само за интеграција туку и за одржување слободни и кредибилни избори што е можно поскоро штом се создадат услови за нив, рече америкнаскиот заменик помошник државен секретар.

САД, додаде тој, се убедени дека Македонија има човечки ресурси за да излезе од оваа криза, има поддршка од меѓународната заедница, вклучувајќи ги и Соединетите Држави, има можност да се врати на патот на евроатланстките интгерации.

– Она што е неопходно во моментов е секој во земјата почнувајќи од политичките лидери, партиите, сите институиции, цивилното општество, медиумите, да работат заедно за да се обезбеди дека се спроведуваат неопходните реформи и дека политичарите, сите лидери, членовите на бизнис заедницата се сметаат за одоговорни и дека се почитува владеењето на правото. Се додека работите на овие цели може да сметате на продолжување на поддршката од САД, порача Ји.

Заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот Хојт Брајан Ји во рамки на дводневната посета на Македонија, која е трета во изминатите 13 месеци, имаше средби со лидерите на четирите партии потписнички на договорот од Пржино.