Хојт Ји не гледа причина „парламентарното мнозинство да не добие шанса да формира влада“

Не гледаме причина парламентарното мнозинство да не добие шанса да формира влада, убедени сме дека политичките челници треба најдат решение за кризата, рече во понеделникот попладнето заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји, во изјавата за медиумите по средбите што изминатите два дена ги имаше со македонските политички челници.

Хојт Ји по средбата на лидерите на парламентарните партии и Талат Џафери чиешто назначување за собраниски спикер надвор од Деловникот беше причината за немирите во парламентот во четвртокот вечерта и кулминирање на продолжената политичка криза во земјата, како и со шефот на државата Ѓорге Иванов, изјави дека е многу задоволен со напредокот на земјата од неговата последна посета во 1997 година и дека поддршката на САД за формирање стабилни демократски процеси и иднина во Македонија останува

„Веруваме дека е многу важно за политичките лидери да најдат решение за политичката криза. Да најдат начин да му дозволат на мнозинството во парламентот да состави влада и владина програма. Знаеме дека има грижи околу владината програма, но за тоа треба да се дебатира и гласа во парламентот, не надвор. Единствен излез од кризата е формирање нова влада. Не гледаме причина новото парламентарно мнозинство да не добие шанса да формира влада“, изјави Хојт Ји.

Истакна дека САД се загрижени околу последните случувања кои се резултат на политичката криза која трае две ипол години „односно неформирањето влада и покрај легитимните избори од декември 2016 кои беа прифатени од политичките лидери и меѓународната заедница“.

Тој, повикувајќи се во името на САД, остро го осуди инцидентот во Собранието и нападите врз пратениците за време на назначувањето на Талат Џафери. Хојт притоа повика на темелно истражување на целиот случај и побара виновниците да одговараат.

За заменик-помошникот државен секретар на САД немало никакви дилеми околу тоа дека Талат Џафери е претседател на Собранието, дека собраниското мнозинство има одговорност да формира нова влада и дека за сите дилеми политичките лидери треба да расправаат во Собранието.

Хојт Брајан Ли рече дека добил впечаток дека сите политички челници се свесни за сериозноста на ситуацијата и дека треба да ја преземат одговорноста за смирување на ситуацијата и за преселување на дебатата во законодавниот дом.

„Особено сме загрижени поради насилните и кукавички напади откако парламентарното мнозинство го избра новиот парламентарен спикер. Многу е важно политичките лидери да најдат начин да ѝ стават крај на кризата во земјата.

Многу е важно лидерите да најдат начин да му дозволат на мнозинството во парламентот да предложи влада и владина програма“, рече Ји.

Во изјавата за медиумите, Хојт Ји рече дека имал конструктивни разговори на кои го пренел интересот на САД за стабилност во регионот на Западен Балкан и ја изразил силната поддршка на неговата земја за евроинтеграцијата на Македонија. Ги поддржа легитимните барања на граѓаните за стабилна и просперитетна иднина на земјата.