Холандија се спаси со поклонет пенал

Благодарение на двата погодока кои беа постигнати во последните 5 минути од натпреварот, репрезентацијата на Холандија забележа минимална победа од 2:1 во осминафиналниот дуел против селекцијата на Мексико.

Противник на популарните “лалиња” во следната, 1/4 финална рунда ќе им биде најпријатното изненадување на Мундијалот во Бразил, репрезентацијата на Костарика.

Мексико дојде во водство на стартот од второто полувреме со прекрасниот погодок на Џовани Дос Сантос, а израмнувачкиот погодок, постигнат во 88 минута беше дело на Весли Снајдер.

Веќе во следниот напад, крилниот напаѓач на Холандија, Ариен Робен изнуди непостоечки пенал, а ударот од белата точка во погодок го претвори резервниот напаѓач, Клас-Јан Хунтелар.

“Се извлековме. Не беше најдобро, но во второто полувреме покажавме дека може да создадеме шанси. По паузата поради жештината, почнавме на крајот да го применуваме планот Б. Вежбавме на тренинзите напад со Хунтелар и Кајт, и на крај успеавме. Мислам дека пресуди тимскиот дух. Имаме скромна група играчи и ќе продолжиме по патот по кој досега одевме. Без разлика против кого ќе играме во четвртфиналето, ќе ни биде многу тешко”, изјави селекторот на Холандија, Луи ван Гал.