Холандски музеј објави две скриени страници од дневникот на Ана Франк

Холандски музеј објави во вторникот две страници од познатиот дневник на еврејското девојче Ана Франк, коишто досега биле сокриен во слој од леплива кафена хартија.

Музејот на Ана Франк објави дека заедно со неколку историски институции ги репродуцирал страниците по повеќегодишната студија, така што изложил на силна светлина и потоа ги снимил во висока резолуција.

Еврејското девојченце очигледно ги криело стравувајќи да не ги прочитаат другите луѓе со коишто се криела, бидејќи содржат многу шеги на нивна сметка, како и нејзиното размислување на сексуалното образование, изјави Роналд Леополд, директор на Музејот на Ана Франк во Амстердам.

 

Песната на Ана Франк продадена за рекордна сума

Раритетна со рака напишана песна од Ана Франк во ноември 2016 година беше продадена на наддавање во Холандија на неименуван колекционер за 140 илјади евра. Наддавањето во аукциската куќа Bubb Kuyper во холандскиот град Харлем траеше само две минути. Почетната цена изнесувала 30 илјади евра.

Во последните 40 години само четири или пет ракописи на Ана Франк беа понудени на аукции.

Посветена на „драгата Кри-Кри“, песната е напишана на холандски јазик, со црно мастило на хартија од блок за скицирање. Ана Франк песничката ја напишала на 28-ми март 1942 година за споменарот на постарата сестра на нејзината најдобра другарка. Три месеца подоцна сите членови од нејзиното семејство заминуваат во засолниште во Амстердам поради нацистичките прогони.

Откриени се во 1944 година и депортирани во концентрационен логор. Ана Франк умрела во Берген-Белсен во пролетта 1945 година, на 15-годишна возраст. Нејзиниот дневник воден во времето на криењето во Амстердам е преведен на 67 јазици и продаден во повеќе од 30 милиони примероци ширум светот.

 

Апсењето на семејството Франк можеби не било поради предавство

Меѓутоа, во декември 2016 година најновите истражувања на историчарите покажаа дека апсењето на Ана Франк, можеби и не се случило благодарение на предавство како што долго се мислеше.

Истражувачите од Музејот на Ана Франк наведуваат дека според најновите сознанија можно е дека анексот на зградата, во којашто Ана се криела заедно со нејзиното семејство и уште четворица Евреи во текот на Втората светска војна, бил откриен благодарејќи на истрагата на нацистичките власти поврзани со измами околу купоните за набавување прехранбени продукти.

Сите осум лица кои се криеле на адресата „Prinsengracht 263“ биле откриени и уапсени на 4-ти август 1944 година и испратени во концентрациониот логор Аушвиц, во тогаш окупираната Полска. Само таткото на Ана Франк ја преживеал војната.

Долго време се сметаше дека апсењето се случило по анонимен телефонски повик упатен во седиштето на германската разузнавачка служба, но пред година и пол објавената студија, која утврдила некои нови околности, ја доведува во прашање претпоставката дека нацистичките власти биле информирани за криењето на Евреите на споменатата адреса.

Истражувачите велат дека и самиот дневник на Ана Франк укажува всушност на нов доказ, повикувајќи се на делот од дневникот во кој таа на 10-ти март 1944 година повторно пишува за апсењето на двајцата луѓе – „Б“ и „Д“, кои учествувале во илегалното делење на купоните за храна и кои биле сместени во истата зграда.

„Фирмата во која двајцата продавачи се уапсени поради илегално дистрибуирање купони за храна очигледно претставувала ризик за привлекување на вниманието на властите“, се наведува во најновата студија кој ги истражува и преиспитува причините за откривањето и апсењето на Ана Франки и нејзиното семејство и соседите.

Постојат и други „силни индиции“ поврзани со овој случај кога ќе се спореди со „стандардната“ постапка на предавства на Евреите кои се криеле, на пример фактот дека многу телефони, благодарејќи на прекинатите телефонски линии, од почетокот на 1944 година не биле во функција, како и дека бројот на седиштето на германската разузнавачка служба не бил јавно објавен во телефонскиот именик.

„Тоа доведува до реалната можност дека телефонскиот повик, доколку воопшто го имало, дошол од друга владина агенција“, заклучуваат истражувачите.

Поврзано со трите лица за кои се знае дека учествувале во рацијата во која е откриено и семејството Франк „секогаш се претпоставувало дека нивната примарна активности била трагањето по сокриени Евреи и нивно апсење, но изворите кои сведочеле за нивната работа даваат поинаква слика“, се наведува во студијата.

Се чини дека првенствената задача на овие три лица биле разни криминални дела, вклучително и од економската сфера, се додава во студијата.

„Со ова, секако, не се отфрла целосно можноста дека сепак станувало збор за предавство, ниту е докажана поврзаноста со измамата со купоните за храна и апсењето“, заклучиле истражувачите.