Холандски тур оператори заинтересирани за изградба на туристичка населба во Пехчево

 

Градоначалникот на општина Пехчево,  Игор Поповски денеска на прес-конференција истакна дека тур оператори од Холандија се заинтересирани да купуваат стари и напуштени куќи во градот со цел да изградат туристичка населба каде ќе претојуваат холандските туристи.

Поповски потенцира дека во оваа општина има доста куќи во кои никој не живее.

– Во преговори со многу тур-оператори, наидовме на една агенција од Холандија која е заинтересирана да ги откупи скоро сите куќи во Пехчево кои се напуштени и каде не се живее. Ние сакаме да ги информираме граѓаните за оваа намера на холандскиот тур оператор да размислат дали ќе ги продадат тие куќи на оваа агенција. Намерата на агенцијата е овие куќи да се реновираат и подготват за нивните холандски туристи кои ќе сакаат да престојуваат во Малешевијата, рече Поповски.

Тој додаде дека за таа цел општината веќе изработува регистер на куќите во Пехчево кои се слободни за продажба, но следниот чекор е општината да направи и категоризација на туристичките капацитети во Пехчево.

– Ние ги повикуваме граѓаните кои се заинтересирани да се занимаваат со туризам или планираат да направат туристички капацитети, или оние кои веќе имаат такви капацитети, да се јават во општината за да направиме една евиденција за тоа со колку вакви капацитети располага Пехчево, а во идно време во соработка со Министерството за економија да направиме и соодветна категоризација на овие објекти, рече Поповски.

Поповски истакна и дека со последните воведени содржини во Пехчево кои го зголемуваат квалитетот на туристичката понуда, како што е изградбата на инфраструктурата, на аденалинската патека, локалитетот Езерце, заедно со природните раритети на туристичката населба Равна Река, и интересот на холандските тур -оператори за Пехчево, дава надеж дека оваа мала малешевска општина е на вистинскиот пат- Пехчево да прерасне во атрактивна туристичка дестинација, а туризмот да биде основен двигател на локалната економија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.