Холандските научници ја пресметаа максималната должина на човековиот век

Здравата исхрана, удобните животни услови, квалитетот на здравствената заштита водат кон постојано зголемување на просечната должина на животот на човекот, но сепак овој раст има своја граница, утврдија холандските научници од универзитетот во Тилбург и во Ротердам.

Статистичарите од двата универзитета ги истражувале податоците од последните три децении опфаќајќи 75.000 Холанѓани за коишто е впишана точната возраст во моментот кога настапила смртта. Притоа дошле до заклучокот дека лимитот за очекуваното траење на животот кај жените изнесува 115,7 годни, а за мажите е понизок и изнесува 114,1 години.

„Просечно живееме подолго, но најстарите меѓу нас не станале постари во последните триесет години. Очигледно дека очекуваниот животен век се зголемил. Меѓутоа, недвосмислено постои ѕид и таа горна граница не се променила“, вели водителот на студијата професорот Џон Ејнмал.

Според Ејнмал, потврдено е дека луѓето всушност ви просек живеат подолго истакнувајќи дека во Холандија речиси тројно се зголемил бројот на лицата кои наполниле 95 години. Во текот на изминатите 30 години бројот на лицата чијашто возраст надминала 95 години тројно се зголемил иако населението пораснало за 20 отсто, од 14, на 17 милиони.

Резултатите од холандското истражување се надоврзуваат на откритијата на научниците од САД кои минатата 2016 година утврдиле слична горна граница на човековиот животен век. Меѓутоа, американските научници тврдат дека поединци денес не достигнуваат извонредно висока возраст како што тоа било случај претходно и оти таа постепено се намалува.

Холандските научници не се согласуваат со тоа тврдење. Наведуваат дека нивните заклучоци не покажуваат речиси никакви отстапување во траењето на максималниот животен век денес во однос на минатото. Според нив, за последните 30 години немало позначителни промени во горната граница.

Професорот Ејнмал напомнува дека некои луѓе сепак ги побиваат стандардите. Така го споменува случајот на Французинката Жан Калмен, за којашто е општо официјално прифатено дека е човечко суштество коешто најдолго живеело а што може со сигурност да се утврди од нејзиниот извод од матичната книга на родените. Калмен почина во 1997 година на возраст од 122 години и 164 дена.

Резултатите од холандското истражување наскоро ќе бидат презентирани во некое од стручните медицински списанија.