Холивуд ја скенира Македонија

Перси вон Липински, поранешен дипломат, наградуван новинар на Си-ен-ен уште попознат уште и како „патувачки гуру“ и во последните години дел од Универзал Студиото во Холивуд како „ловец на атрактивни локации“ се наоѓа во Битола заедно со екипата која наредните денови низ цела Македонија ќе снимаат промотивни филмови за Македонија.

-Досега беше прекрасно патување, турата е прекрасна, Кристијан ни помогна околу организацијата. Почнавме во Скопје, тргнавме околу низ земјата, сега сме во Битола, каде забележавме огромен потенцијал за туризам тука, многу е добро, изјави Перси Липински, новинар и продуцент.

Тие во Битола пристигнаа вчера.

-Бевме кај Пеце Цветковски, во вила Дихово, се запознавме со Слоу фуд, сместени сме во прекрасен хотел и знаете што – бевме во казино вчера и изгубивме. Вие победивте, а ние изгубивме, вели Липински.

Денес денот им започна со скенирање на Старата битолска чаршија.

-Си купив очила и капа и мислам дека тоа таму го правеле неколку стотици години, не продавале очила, но нешто друго сигурно. Јадевме многу добра храна, доручек, ручек и вечера, искусивме многу топла гостопримливост. Кога патувате, се разбира дека зградите и архитектурата е она што го гледате, но она што навистина го искусувате се луѓето. Тука има навистина прекрасни луѓе, на секој чекор. Ни помагаат, не знаат кои сме, ние им изгледаме како просечни луѓе, не не третираат бидејќи сме посебни луѓе, тие не третираат онака како што се однесуваат со сите, може да се почуствува тоа во околината, вели Липински.

Го посетија и музејот, каде беа примени од раководството и добија подароци, промовирачки материјал за Битола. Беа воодушевени од големината на музејот и со нетпрпение чекаа да видат што се нуди. Самиот Липински вели дека многу се интересира за историјата и корените на народите и земјите.

-Ја викам Македонија Швајцарија на Балканот, ги имате сите овие култури, сите доаѓаат од различни страни, тука препознав дел и од моите корени, имам руска и хрватска крв. Еве ова овде е балканска вена, вели тој.

Воодушевен е и од Широк Сокак, а наредните дестинации се Хераклеја и Пелистер.

-Јас тука носам две капи, една е мојата капа за туризам која ја носам како промотор на туризмот. Ги знам луѓето од овој бизнис, работев со Си-ен-ен долги години, бев главен новинар кој патуваше низ земјите и ме викаа патувачки гуру. Сум бил во многу земји, кога го споредувам Македонија е на високо место. Кога одиме во земјата ги гледате луѓето, храната, културата, историјата, сите тие работи комбинирани во едно место. Вие го имате сето тоа во Македонија. Некогаш велиме, помалото е подобро, не мора да биде колку Русија, со цела почит кон Русија, може да бидете мала земја и да имате многу да понудите бидејќи од едно до друго местос е стигнува многу брзо, неколку саати до Охрид, до Скопје. Она што мене ми се допаѓа е што имате многу различни култури и јадења, во една релативно мала земја, вели Липински.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од 24-ти до 10-ти септември организира инфо тура за Липински- репортер, новинар, продуцент, преку која ќе се запознаат со природните и културните убавини на нашата земја. Липински заедно со својот тим на соработници ќе снимаат петнаесет кратки промотивни филмови за Македонија кои ќе се емитуваат на пет странски јазици на ЈуТјуб, ќе бидат промовирани на социјалните мрежи ширум светот и на познати светски медиуми, меѓу кои и Си-ен-ен.