Теми,Македонија

Хотелските капацитет во туристичките центри во Македонија, исполнети за Нова година

Хотелските капацитет во туристичките центри во Македонија, исполнети за Нова година

Македонските туристички центри за Нова година очекуваат гости од Србија, Бугарија и Грција. Хотелските аранжмани речиси се распродадени, а хотелските капацитети се полни до 70 отсто. Угостителите очекуваат дека и неделава ќе има уште поголема заинтересираност, разбирајќи го менталитетот на нашиот народ, да одлучуваат во пет до 12.

Од хотелот „Дрим“ во Струга велат дека аранжманите им се 100 отсто распродадени и дека најмногу гости имаат од Бугарија, Грција и Албанија.

„Во најголем број односно 80 отсто од гостите се странци, а 20 отсто се наши.Исто е како и лани, со тоа што имаме мало покачување на цената, но зголемена понуда. Годинава ќе дојдат голем број Бугари, додека бројот на грчките гости е намален,“ велат од хотел Дрим каде што прославата на Нова година со две ноќевања на база на полупансион чини 109 евра.

Според претседателот на Асицијацијата на хотелиери на Македонија (ХОТАМ), Дончо Танески хотелиерите во Охрид исто така се задоволни од пополнетоста на капацитетот која во просек изнесува 70 отсто.

„Продажбата на аранжманите оди добро, некои хотели се со 90 отсто продадени аранжмани, некои со 60 отсто, па просекот се движи околу 70 отсто. Очекуваме интензитетот на продажбата на аранжманите да биде голем и неделава,“ вели Танески.

Во Охрид оваа недела веќе е започната новогодишна прослава на Плоштадот каде што секоја вечер има богата музичка програма за најмладите.Туристи се уште нема, поголемо раздвижување очекуваат во текот на викендот.Се очекуваат гости од Србија.

Танески информираше дека посебна понуда хотелиерите ќе понудат за Водици кога се подготвува и посебна програма за прослава.

Голем интерес има и за зимските туристички центри, па така хотелот „Манастир“ во Берово, и оваа година ќе ги пречека гостите од Бугарија и од кај нас.

„Главно се работи за гости од минатите години и повторно доаѓаат годинава. Добрата музика, одличната храна, преубавиот амбиент е она што ги привлекува повторно да дојдат. Капацитетот на хотелот е пополнет, така што очекуваме да поминеме добро како и лани,“ изјави Дина Муцунска од хотел „Манастир“.

И двата хотели на Попова Шапка се полни, но повеќе гости се очекуваат и по прославата на Нова година.

И покрај беспарицата, кога се работи за прослава на Нова година луѓето се подготвени да платат повеќе, за како што се вели, да им тргне на добро годината. И оние кои нема да заминат на прослава, домашната трпеза сепак ќе ја збогатат со повеќе храна, за бериќет.