Ховит: Атина мора да покаже лидерство за да се реши ќор-сокакот со Скопје

Актуелното грчко претседателство со Европската Унија треба да биде предност, а не пречка во однос на долгогодишниот спор за името меѓу Атина и Скопје, според извештајот на Европскиот парламент изгласан денеска на комисиска расправа.

Изготвувачот Ричард Ховит обезбеди висока поддршка од 48 гласа „за“ својот извештај за Македонија.

Нацрт резолуцијата на Ховит, која на пленарна седница на ЕП ќе биде разгледувна на петти и шестти февруари, исто така ја повикува Грција да го искористи претседателството за да се надмине моменталниот ќор сокак во интеграцијата на Македонија во ЕУ и да внесе нов поттик во решавање на спорот за името.

Ховит, како што се вели во соопштението од неговата канцеларија, одговори на загриженоста во земјата за нацрт резолуцијата со внесување на дополнителен амандман разјаснувајќи дека повикот за двојазично образование не е задолжителн и објаснува дека предупредувањето против „ултранационализмот“ се однесува на сите земји во ЕУ, не само на Скопје.

„Грчкото Министерство за надворешни работи ме увери дека претседателството во однос на Скопје ќе го спроведуваат објективно во име на Европската Унија како целина… Барам од нив да одат чекор понатаму и да го видат ова како можност за двете страни да направат вистински и искрени напори за решавање на спорот за името и да работат кон решение со кое ќе почнат преговорите со ЕУ“, вели Ховит.

Во изгласаната нацрт резолуција се потенцира дека билатералните прашања не треба да имаат влијание врз процесот на прием во ЕУ, но и за првпат се става под прашање кредибилитетот на времената спогодба во ОН околу решавање на името, како и на кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ со тоа што неколкупати досега не се почнати преговорите, се наведува во соопштението од канцеларијата на Ховит.

Ховит се очекува да пристигне во Скопје на 12-ти февруари за со македонските власти да разговара за исходот од гласањето во ЕП.