Ховит: Бојкотот во Собранието е погрешен чекор

Бојкотот на Собранието на која било политичка партија е погрешен чекор и сите проблеми треба да се решаваат низ институциите на системот, порача денеска известувачот во заминување во Европскиот Парламент за Република Македонија, Ричард Ховит.

Ховит денеска функцијата известувач во ЕП за Република Македонија му ја предаде на Словенецот Иво Вајгел, но нагласи дека тој и натаму ќе остане да работи како известувач во сенка и дека и натаму активно ќе ја поддржува Македонија во Европскиот парламент.

– Бојкотот не е решение. Надминувањето на проблемите е знак за зрела демократија. Моите наоди се дека партиите тоа го немаат сфатено, и нивна задача е тоа да го подобрат. Внатрешните поделби не можат да се решат однадвор. Сметам дека постои неуспех во однос на политичкиот дијалог во земјата, истакна Ховит.

Тој во своето обраќање се осврна и на процесот на евроинтеграција на Македонија и на тоа што се направило додека тој бил на функцијата известувач. Ховит беше дециден дека можело да се направи многу повеќе и дека Македонија доволно ги исполнува копенхашките критериуми да ги почне преговорите за членство.