Ховит и Вајгл во посета на Македонија

Пратеникот во Европскиот парламент и поранешен известувач за Македонија  Ричард Ховит ќе одржи предавање во ЕУ-инфо центарот во Скопје.

Како што информираат од ЕУ-инфо центарот, на предавањето на британскиот европратеник ќе присуствуваат претставници на владини институции, на граѓанското општество, како и од амбасадите на ЕУ-членките.

По предавањето Ховит ќе одржи заедничка прес-комференција со Иво Вајгл кој е новиот известувач во Европарламентот за Македонија.

Ричард Ховит вчера се сретна со премиерот Никола Груевски, со кого, како што соопшти владината прес-служба, позитивно ја оцениле досегашната соработка, изразувајќи заложби за продолжување на комуникацијата на теми од заеднички интерес.

Премиерот Груевски изразил благодарност до Ховит, за неговиот досегашен ангажман и придонес во спроведувањето на реформите и во напредокот на Република Македонија кон ЕУ.

Претседателот на Владата дал и позитивна оценка за поддршката која ЕП континуирано ја овозможува на Република Македонија во процесот на унапредување на состојбите и исполнувањето на европските стандарди. Двајцата разговарале и за владиниот акциски план за идните реформи кој е изготвен согласно препораките на Европската Комисија.

Ховит истакнал дека и во идниот период, како и досега, во рамките на своите ангажмани ќе продолжи да ја поддржува Македонија во процесот на достигнување на европските и евро-атлантски стандарди.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.