Ховит: Потребно е да се создаде атмосфера за успешна посета на Венизелос

Времето пред посетата на грчкиот министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос на Македонија треба да се искористи за да се направи атмосфера за успешна посета, вели европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит кој денеска и утре е во посета на земјава.

Ховит вели се труди да допринесе во врска со престојната и исклучително важна посета на Венизелос.  

„Одржав долга и продуктивна средба со Венизелос во Стразбур. Мојот апел до политичарите тука и до целото општество е да се искористи времето пред неговата посета, за време на посетата и по посетата за да се содаде таква атмосфера од која ќе произлезе и успешна посета“, изјави Ховит.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ховит, меѓу другото го поздрави и дијалогот меѓу владата и новинарите за медиумските закони.

„Дијалогот е важен, не само во поглед на придонесот кон медиумските закони, туку исто така и да се продолжи и да се работи заедно за да се овозможи да постојат слободни медиуми во земјата. Новинарите и сопствениците на медиуми имаат одговорност да ја штитат независноста на нивната професија, да известуваат објективно во согласност со високите новинарски стандарди без партиска наклонетост и да придонесуваат лично имплементирајќи ги новинарските стандарди за да се подобри рејтингот на земјата во врска со слобода на медиумите“, истакна Ховит.

Ховит денеска имаше средби вицепремиерот за европските прашања, Фатмир Бесими и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.